Имала голема контрола над тоа како ќе ѝ изгледа шминката. Ја замислила старата Џејн како жена што никогаш не би миела лице, само би додавала уште еден слој шминка. Кога ќерка ѝ, Барбара Мерил прв пат ја видела во фул-шминка за Џејн, ѝ рекла, „Мамо, овој пат претера“.
„Она што го имав на ум, ниеден професионален шминкер не се осмелуваше да го направи,“ вели Дејвис. „Еден ми кажа дека се плаши дека ако направи како што барам, никогаш веќе нема да најде работа. Џејн изгледаше како многу жени што можат да се видат на булеварот Холивуд. Всушност, авторот Хенри Фарел ја осмислил Џејн да биде како нив. Претпоставката е таа, дека некогаш биле актерки, а сега се невработени. Сметав дека Џејн никогаш не би го миела лицето, само би додавала уште еден слој шминка секој ден.“
Шминката прави Дејвис да изгледа како гротескна верзија на Мери Пикфорд и таа била воодушевена од резултатот. Се гордеела кога Фарел еден ден дошол на снимање и ѝ рекол дека токму така ја замислувал Бејби Џејн. Некои од продуцентите биле загрижени за изгледот, дека ќе биде претерано, но со време сфатиле дека нејзиниот инстинкт е на место.
Буџетот бил толку ограничен што не можеле да го искористат вообичаениот процес за сцена со возење. Бети Дејвис сама се возела низ Холивуд, со камерманот Ернест Халер на задното седиште, или качен на хауба.
„До ден денес,“ пишува Дејвис, „се насмевнувам кога ќе ми текне на првиот пат кога Џејн се возеше по булеварот Беверли во стар Хадсон. Изразот на лицата на луѓето во другите коли беше пресмешен. Многу паднати вилици.“