
Сексуалната работничка е Саурора, која е патем и сексолог и активистка што работи со лица со различни видови физичка попреченост. Во интервјуа и подкасти таа објаснува дека нејзината работа не се сведува само на сексуален однос, туку вклучува разговори, емоционална поддршка, градење самодоверба, физичка блискост и помош во истражувањето на сопствената сексуалност.
Темата е чувствителна бидејќи допира до човекови права, здравствена грижа, лична автономија и етика. Но токму затоа сè почесто се отвора во јавноста. Ема Томпсон, откако го сними Good Luck To You, Leo Grande, напиша и есеј околу сексуалното здравје, од аспект на тоа дека сексуални работници дури треба да бидат покриени и „со плави картони“.
Со децении, лицата со попреченост често се претставувани како луѓе кои немаат сексуални желби, романтични потреби или интерес за интимни врски - предрасуди што многу активисти денес сметаат за најраширени и меѓу најштетните. Во реалноста, многу лица со физичка попреченост се соочуваат со сериозни пречки кога станува збор за запознавање партнери, создавање врски или дури и искусување физичка блискост - ограничената мобилност, зависноста од негуватели, социјалната изолација и стигмата можат дополнително да ја отежнат ситуацијата.
Заради ова и во некои европски земји веќе со години се води дебата за таканаречените „сексуални асистенти“ - лица кои на професионален начин им помагаат на луѓе со попреченост да истражуваат интимност, телесен контакт и сексуалност во безбедна средина.
Најразвиени дискусии на оваа тема постојат во земји како Холандија, Германија, Швајцарија, Данска и Белгија - моделите се различни, а правниот статус варира од држава до држава. Некаде услугите се регулирани преку системот на сексуална работа, а на други места се поврзуваат со терапевтски или советодавни услуги.
Поддржувачите на ваквите практики тврдат дека интимноста не е луксуз, туку важен дел од човековото достоинство и квалитетот на живот. Сметаат дека лицата со попреченост имаат исти емотивни и физички потреби како и сите останати и дека општеството не треба да ги игнорира тие потреби само затоа што темата предизвикува непријатност. Од друга страна, критичарите предупредуваат на можни етички дилеми. Прашањата за согласност, заштита од злоупотреба и улогата на родителите или негувателите во ваквите одлуки остануваат предмет на интензивни расправи.
Особено чувствителни се случаите во кои лицето има когнитивна или интелектуална попреченост, бидејќи тогаш се отвораат дополнителни прашања околу способноста за давање информирана согласност. Самата Саурора нагласува дека голем дел од нејзината работа се однесува токму на комуникација, проценка на безбедноста и почитување на границите на клиентите. Според неа, јавноста често ја поедноставува темата и ја сведува на сензационалистички наслови, додека суштинското прашање останува занемарено: Дали лицата со попреченост имаат право на љубов, допир, интимност и сексуално изразување како и сите други?
Одговорот може е очигледен, но реакциите што секогаш ги предизвикува темата покажуваат дека општествата сè уште не се сигурни како да зборуваат за неа. Дебатата продолжува понатаму, а сè повеќе организации за права на лицата со попреченост бараат сексуалноста да престане да биде табу и да почне да се третира како дел од пошироката дискусија за достоинството, еднаквоста и човековите права.
Ако ви се навлегува подлабоко - еве подкаст: