Ема Томпсон: Знае ли некој дали средовечните жени се сексуално задоволни?

И дали некому му е гајле за тоа? За најновата улога, Ема Томпсон го истражува женското задоволство и споделува што тој процес ја има научено.

Шеесет и двегодишна учителка по религиозно образование (Ненси) која никогаш нема доживеано оргазам, го најмува сексуалниот работник (Лео) да ѝ помогне да си ги прошири хоризонтите. Ова е приказната на филмот „Нека ти е со среќа, Лео Гранде“, што ја напиша Кејти Бренд и ми ја прати со порака „Дали ова би можело да те заинтригира?“

Веројатно се подразбира дека беше многу неочекувано сценарио. Четири страници подоцна, се навлеков. На крајот од првото читање, ѝ пишав на Кејти дека апсолутно мораме да го снимиме. И не многу подоцна, го снимивме.

Во текот на 19 дена во февруари, 2021, Дерил Мекормак, сега 30-годишен и јас, 64, снимивме четири состаноци во Норфолк, толку обезбеден од ковид, што ни изгледаше како да е само наш. Беше авантура во неколку видови интима. Истражување на задоволството и срамот и портрет на сексуалната работа како една од грижливите професии.

Ненси, преплашена од тоа што го има  започнато, пристигнува преплавена со претпоставки за Лео и ниски очекувања после цел живот разочарувања во спалната. Лео пристигнува со отворен ум и срце, импресивни вештини за комуникација и сопствени тајни.

Спремањето за снимање беше поедноставено од ковид-рестрикциите тогаш - за почеток, не можев да отидам во спа и да симнам 10 кила, во очекување на неизбежната голотија. Решив дека ни мојот лик не би го направил тоа, па можеби и најдобро што е така. Немав проблем да замислам како е да се биде наставничка, затоа што знам неколку и можеби и ќе станев, да не беше професијата на моите родители толку отворена за мене. И навистина, кога се појавив прв пат на телевизија и немав поим ни што е гламур, ни како да се постигне, ми рекоа дека личам токму на наставничка по географија.

Но, ништо од острата педагошка самодоверба не ѝ останува на Ненси кога Лео прв пат ќе ја сретне. Да се игра оваа жена на работ на преминување на секоја граница што ја имала во животот, ми беше еден од најголемите предизвици во последниве години.

Не знам дали некогаш сте се соблекле целосно пред млад човек што не го познавате. Никогаш не претпоставувајте ништо. Но, ако не сте, еве ќе ви кажам дека е малку застрашувачки. Особено ако сте пост-менопауза, со 60 и кусур, и скоро имате изедено премногу благо, а младиот човек пред вас е во запрепастувачки совршена форма затоа што глуми лик чија работа е да биде во совршена форма.

Нашата режисерка, Софи Хајд нè водеше во голата проба со тоа што и самата ни се придружи гола. Тројцата стоевме така, комплетно голи и зборувавме за нашите тела и што ни се допаѓа, а што не ни се допаѓа кај нив. Јас имав многу подолг список на недопаѓања од нив. Но, на крајот, ова само ме потсети колку може да те воздигне стоењето гол со други луѓе. Полесно е да се биде искрен кога немаш што да криеш и неизбежно те прави поскромен. А после тоа, не ти останува многу за плашење.

Знае ли некој, се грижи ли некој дали средовечните жени добиваат сексуална сатисфакција или задоволство? Кога бевме помлади, Космополитен нонстоп нè давеше за оргазми, се сеќавам. Секогаш беше на насловната страница, како подобро да ги постигнеш. Фокусот на достигнувањето - како да сме помалку од целосно живи ако постојано не остануваме без здив од екстаза - беше малку нападен. Исто така нè информираа дека постарите жени понекогаш сакаат повеќе секс и тогаш се роди митот за кугар - напорен, банален и празен, како и повеќето сексуални типови со кои треба да се совпаднеш.

Сепак, не мислам дека внимавање на женското задоволство, без разлика дали е млада, или стара жена е на врвот на било чиј список.

Во мојата работа, често се бара од нас да портретираме секс - но јас бев многу воздржана во однос на мојот изглед и тело како млада актерка и сигурно не ги имав тие атрибути што им се допаѓаа на главно машките продуценти кои ангажираа жени „што сакаат да ги ебат“ (овде цитирам многумина од нив, и ова сè уште се случува). Па, не го правев тоа толку често.

Имаше огромни генерациски промени последниов век, меѓу - на пример - генерацијата на мајка ми и мојата. Мајка ми е од Шкотска, прекрасна земја, но не баш позната по посветеноста на еротика, и од презвитеријанско семејство. Имаше пуритански погледи на сексот, што мојот младешки ентузијазам брзо ги доведе во прашање. Веднаш го прифати предизвикот. Ме однесе на гинеколог.

Зошто ни е сексот тежок за дискутирање? Затоа што е табу, затоа што нè учат дека е валкан и лош, или ни е под ниво, понижувачки, животински, страст, грев, опасен и надвор од пристојната нормалност. Мислам дека не претерувам.

Сексуалната асистенција - зошто не е покриена со Министерство за здравство? Сексот е слободен, природен, нормален, убав, добар е за нас, како што вели Лео во филмот, а на многумина недостапен од секакви, совршено валидни причини. Ова е проблем на јавното здравство.

Темата за женската сексуална работа ми е фасцинантна - како и многу од мојата генерација, идејата да се одбере тоа како професија, наспроти да да се смета за нешто ужасно на кое си принуден заради сиромаштија или со сила, ми е многу нова и ми треба време да се навикнам. Главно, претпоставувам, заради опасностите. Сè е во ред со согласноста и границите, но да се биде сама во соба со посилен човек што може лесно - многу лесно - да те повреди, силува, или убие е страшно. И понатаму ми е страшно, иако мислам дека под вистинските услови - правна заштита, пристојни клиенти и така натаму - може да биде многу добра професија.

Сексуалноста е сè уште табу тема.

Дали е тоа делумно дека не ја спојуваме почитта еден за друг со сексуалните чувства? Мислам дека коренот на сето тоа е дека едноставно не ги почитуваме сопствените сексуални желби. Со леснотија се шегуваме за нив - со леснотија ги користиме за вицеви, ја поткопуваме нивната комплексност, нивната (понекогаш) радикална природа, дури и нивната скромна потреба да постојат нè навредува и вознемирува. Но, ние не слушаме.

Лео слуша - го почитува задоволството. Разбира дека зема многу форми и ниедна не му е анатема. Разбира дека поради тоа луѓето се чувствуваат подобро, дека може да им ги подобри животите, дека понекогаш дури и ги ослободува од страдање. Ја учи Ненси, накратко, за можната светост на сексуалната работа.

Пред да го направам Good Luck to You, Leo Grande, немав поим колку ќе научам за мојот став кон сопственото тело, кон задоволството и срамот - колку ќе се смеам за сите наши будалаштини од реакции на сексуалното задоволство и колку ќе плачам за сè она што се губи во животот кога е поттиснато, игнорирано и казнето.

Се надевам дека филмот ќе допре до што е можно повеќе луѓе и ќе го направи истото за нив.

-Ема Томпсон

15 август 2023 - 10:20