Себастијан Стен го игра темпераментниот и понекогаш насилен тапанар на Мотли Кру во „Пам и Томи“ и тоа му претставувало нова и предизвикувачка територија, особено после Баки Барнс во Марвел универзумот.
Во еден подкаст, елаборира за развојот на ликот и процесите што му помогнале да ја пренесе оваа постоечка личност на екран. И покрај тоа што било тешко да се спреми, вели дека не е фан на проблематичниот „метод“-пристап кон актерството.
„Не верувам во создавање хаос за да одиграш нешто како што треба. А знам дека многу често го прават тоа. Има многу луѓе што… креираат некаков хаос на сет или хаос кај другите луѓе со кои што работат, за на сцената да ѝ дадат некаква тензија, или што веќе.“
Со оглед на тоа какви гнасотии прават актери за да влезат „во филм“, Стен не е далеку од вистината. Џаред Лето на пример, ѝ има пратено жив стаорец на Марго Роби за време на снимањето на Suicide Squad. Приказни има дека и Даниел Деј Луис е отров, а реалноста е дека всушност - сите само одат на работа.
„Мене, тоа ми е многу неодговорно, нарцисоидно и некако самобендисано,“ додава Стен. „Го сфаќам како ‘мене ми е страв и сега сите ќе ги измачувам поради тоа‘.“
Последново не важи само за актерскиот свет, кога ќе размислиме подобро.