Се претера ли со „тивок луксуз“?

Уште не стигна да се рашири концептот, а на некои веќе им е смачено.

Во раните 1800-ти во Париз и Лондон, жените од високата класа носеле богати фустани од деликатна свила и памук, со потсукњи, корсети, кошули и дезенирани здолништа. Ваквите изрази на луксуз биле непредизвикани додека не се појавила машината за шиење во 1842, што пак им овозможило на сите да си ја украсат сопствената гардероба. Како што луѓето кои не биле богати почнувале да ги имитираат богатите, високата класа почнала да бара посуптилни дистинкции. Наместо уште поочигледно да претеруваат, направиле мали измени - потесни корсети, потенки материјали што можеле да се фрлаат, за да можат да покажат колку им е лесно да стигнат до беспрекорни кројачи.

Всушност, го измислувале тивкиот луксуз.

Во денешно време, ваквата игра продолжува - дефиницијата за луксуз постојано еволуира, а тие што можат да си го дозволат цело време поставуваат нови кодови на луксузот, правејќи го сè понедостапен. Зумерите и миленијалците на ТикТок го уловија тоа, па без разлика што кај нас се доцни по ова прашање, светот веќе се освести за обичните бели ролки на Гвинет Палтроу што чинат илјадници долари.

Тивкиот луксуз истакнува висококвалитетни материјали, способно занаетчиство и наследство. Ја отфрла манијата по логоа и создава чувство на ексклузивност базирано на самата вредност на производот, наместо на надворешните маркери за богатство. Овде темелно се објаснува.

Бренда Вајшер, моден уредник во магазинот 032c се чуди што сè уште постои „играта“, кога новата генерација има менталитет на „изеди ги богатите“. Ако филозофијата на „стелт“ богатство вклучува живеење богато без тоа да го прикажуваш, зошто тогаш Зумерите се опседнати со недостижен луксуз, богатство и привлечноста на „старо богатство“? За опсесијата придонесува и серијата Succession, ама „како може никој да не сфаќа дека сите ликови се мизерни лузери?“

Елитизмот на оваа опсесија само ја истакнува постоечката економска нееднаквост. „Особено е назаден трендот за жени кои навистина се потрудиле во својата кариера. Зошто да бидат скромни?“ прашува Вајшер. „Зошто да не ги надминат мажите што ја носат истата Ралф Лорен кошула веќе дваесет години?“

Д Кат вели - доста со тивкиот луксуз. Ако не можеме да стигнеме до него, зошто тогаш да не прифатиме дека ќе бидеме гласни?

Ама сепак, мора ли гласноста да се преведе во дуксер со шест квадрати „Гучи“ напред и позади?

13 април 2023 - 09:30