Што е тивок луксуз?

Може некој да се разочара, ама колку и да сте го платиле, ако на парчето облека го пишува брендот, и тоа со големи букви, направено е за да се радувате дека ете и вие можете да носите бренд. Вистински богатите не пипаат тоа.

Дуксери со огромни букви Гучи, торби цели испечатени со ЛВ, очила за сонце со два квадрати златна медуза на Версаче... Сето ова се пушта во продажба за и обичниот човек да може да се смета себеси за припадник на високото добро утро. Реалноста е дека ова не те прави олицетворение на луксуз, туку човечки билборд.

Луѓето што не мора да штедат за да си дозволат бренд немаат ни потреба да се докажуваат со светот дека носат брендирано. Кај нив, брендот го пишува на етикетата, внатре во патентот, на копчињата, или е име што никогаш не сме го слушнале, а работи по мерка и има памучни маици што чинат 650 долари. И тие што знаат - знаат.

Ова се вика тивок луксуз и токму тоа вришти „пари“, без сопственикот да има таква намера. 

Инаку, „билбордите“ ги сметаат за entry level и се направени за потрошувачот да се почувствува дека е дел од брендот, дел од друштво. 

За илустрација, популарната маица со кратки ракави на Закерберг не е од супермаркет. До толку и беше јасно, ама она што можеби не го знаат сите е дека се работи за специјално скроена маица од Брунело Кучинели, кој продава слични (и не специјално кроени) за 650 долари.

Еден коментар на видеото подолу совршено го објаснува ова:

„Работев за Лоро Пиана пред да почнам сопствен бренд... Клиентите бараа од мене да ги отстранам етикетите кога купуваа. Еднаш дури и ми дојде фудбалски тренер и го прашав каде се фудбалерите... И ми одговори, сите се млади и тазе збогатени, пазарат во Долче и Версаче. 

Инаку, не го викам ова тивок луксуз, туку вистински луксуз. Мислам дека уличната мода и многуте билборди и ставањето на името на брендот на облеката малку го уништи тоа што модната индустрија порано го претставуваше. Ама тоа е само мое мислење.“

31 март 2023 - 12:55