Сè повеќе родители сакаат женско

Сè поголем број родители ширум светот денес изразуваат нешто што до пред неколку децении ќе звучеше незамисливо: желба за ќерки наместо за синови. Историски, речиси во сите општества постоела јасна наклонетост кон машките деца, кои се сметале за наследници, економска сигурност и продолжување на семејната лоза, но последиците од таа пристрасност беа драматични, особено во делови од Азија, каде селективните абортуси доведоа до милиони „изгубени“ девојчиња и длабок демографски дисбаланс.

Таа слика сега забрзано се менува. Во земјите во развој, „изборот“ за синови значително опаѓа. Според анализи на Економист, бројот на „вишок“ машки раѓања глобално паднал од над еден милион годишно пред една деценија, на околу 200.000 денес. Јужна Кореја, некогаш екстремен пример со над 115 момчиња на 100 девојчиња, сега има речиси природен сооднос. Сличен, иако побавен тренд се забележува и во Кина и Индија.

Паралелно со ова израмнување во посиромашните земји, во побогатиот свет се појавува нов феномен: суптилна, но сè поочигледна наклонетост кон девојчиња. Анкети во Јапонија, Скандинавија и делови од Европа покажуваат дека родителите сè почесто посакуваат ќерки, особено кога планираат едно или две деца. Истражувања во САД укажуваат дека семејствата кои прво добиваат девојче поретко одлучуваат да имаат повеќе деца, што е спротивно од трендовите забележани кон крајот на 20-от век.

Оваа промена не секогаш се гледа директно во статистиката на раѓања, но е јасно присутна во други области. Посвојувањата, на пример, во многу земји покажуваат поголема побарувачка за девојчиња. Истото важи и за асистираната репродукција, при која, во земји каде изборот на пол е дозволен, родителите сè почесто се одлучуваат за ќерки.

Причините за овој пресврт се сложени. Делумно, станува збор за економија и социјални очекувања: во некои општества, со синовите се очекуваат поскапи „животни инвестиции“, како сопствен дом или финансиска стабилност пред брак. Во исто време, девојчињата често се перцепираат како поуспешни во образованието и поадаптибилни и поблиски до родителите во животот подоцна. Дополнително, зголемената загриженост за проблемите со кои се соочуваат момчињата - од образовно заостанување до ментално здравје - исто така влијае врз перцепцијата на родителството.

Истражувачите предупредуваат дека иако новата наклонетост кон девојчиња засега не води до масовна дискриминација на момчиња, таа открива подлабоки општествени тензии. Како што технологијата сè повеќе овозможува рано дознавање и избор на полот, прашањето за родовата рамнотежа повторно станува актуелно. Наместо нова форма на пристрасност, заклучуваат експертите, предизвикот е да се создадат општества во кои ниту девојчињата ниту момчињата нема да се доживуваат како „пожелни“ или „проблематични“, туку како еднакво вредни.

10 февруари 2026 - 00:00