Хитлерјавление на Пума

Соработките на Пума со брендови и фаци главно се одлични. Ова последново не е соработка ни со едно ни со друго, ама исто како да е. Ефектот е вирален, али од погрешни причини.

Вирални се од очигледни причини. На луѓето им текна дека личат на Хитлер и сега на никого не му се носат. Освен на Балкан, кај нас гастербајтерите од Германија често знаат да ги поздрават со тоа незгодниот поздрав и да не лежат, па може да им се види „интересно“.

А цело време се појавува нешто што личи на Хитлер, го наоѓаат по дома, во животни и во храна со еднаков интензитет на богојавление на велигденско јајце, ама никој не очекуваше дека ќе има хитлерјавление на патики. Пума Х Хитлер? (Така им се насловите на соработките, со иксче.)

Шала на страна, најверојатно е несакајќи, ама дизајнерите успеале сѐ да фатат - од фризура, до брк. Се викаат „Сторм Адреналин“ и се работи за едноставен дизајн, црно, бело и сиво, а цената им е 44.99 долари. Некои луѓе сметаат дека и името е несреќно избрано затоа што многу асоцира на паравоеното крило на нацистите, Sturmabteilung. Тажното е што, под притисок, луѓето што ги купиле, ги продаваат, ги враќаат во кутија, ги фрлаат - едноставно, престануваат да ги носат.

Пред вака да зацапаат, Пума работеа со Ријана, со Лагерфелд и со М.А.С. на пример.

28 април 2020 - 11:10