Од сите што адаптирале книжевност, со Емералд Фенел сме најстроги. Зошто?

Повеќе од која било понова адаптација на класичен роман, „книжевните неверства“ ѝ се припишуваат на Емералд Фенел како да е еретик.

Голем дел од критиките околу новиот „Оркански височини“, а особено насочени кон Фенел, како да се помалку заинтересирани за тоа што таа ставила на екранот, а повеќе за тоа што одлучила да изостави. Секако, има пропуштени можности што вреди да се признаат. Отсуството на централната рамка со духовите ѝ одзема на осудената љубов на Кети и Хитклиф дел од нејзината вонземска магија, но и од суптилната перверзност што ја прави толку вознемирувачка. Исто така, иако расното потекло на Хитклиф во романот на Емили Бронте е намерно двосмислено, одбивањето тој да се прикаже како „друг“ во рамките на строгата англиска земјопоседничка елита ја лишува приказната од империјалните желби и стравови на 19 век што Бронте вешто ги експлоатира.

Да се критикуваат тие измени, па дури и да се оценат како послаби од оригиналот, е сосема легитимно. Но најголемиот дел од јавната дебата околу оваа верзија на „Оркански височини“ како да произлегува од личната навреденост што измените воопшто постојат. Наместо прашањето дали Фенел направила добар филм, фокусот се поместува кон тоа дека се осмелила да направи филм по своја мерка, а не по мерка на катедрите по англиска книжевност.

„Сите го мразат новиот трејлер за ‘Оркански височини’ - и еве зошто“, објави Спиноф пет месеци пред премиерата. Сибиси оцени дека филмот „објективно не е ‘Оркански височини’“, сугерирајќи дека измените се толку збунувачки што можат да „доведат до мозочна повреда“. Колајдер, не без иронија, заклучи дека Бронте „се превртува во гробот“.

Може и се превртува, де. И што со тоа?

Зошто е толку важно што Емералд Фенел се оддалечила од роман што безброј пати бил адаптиран за да создаде сопствена, максималистичка фантазија? Таа не е првиот режисер што си дозволил слободи со Бронте. Всушност, дури со мини-серијата од 2011 година во режија на Андреа Арнолд, со Каја Скоделарио и Џејмс Хоусон, една голема адаптација се обиде да го опфати целиот повеќегенерациски опсег на романот. Дотогаш, повеќето верзии го следеа примерот на класичната холивудска екранизација од 1939 година на Вилијам Вајлер, со Лоренс Оливие и Мерл Оберон, која завршува со смртта на Кети и молбата на Хитклиф таа засекогаш да го прогонува. Верзијата на Арнолд беше и првата што ангажираше црн актер за улогата на Хитклиф. Пред и по неа, пак, Хитклиф го играа Ралф Фајнс, Том Харди, Тимоти Далтон и други - а некои филмови, како оној од 1939, видливо ја омекнуваа себичноста на Кети или садизмот на Хитклиф.

И надвор од „Оркански височини“, дел од најславените филмови во последниве години си дозволија еднакви, ако не и поголеми отстапувања од своите литературни извори. Џејкоб Елроди, на пример, глуми во визијата на Гиљермо дел Торо за „Франкенштајн“, филм што веќе се споменува во оскаровски контекст. Нивната интерпретација на суштеството на Мери Шели е полна со патос и внимателни актерски решенија, но истовремено намерно ги ублажува неговите морални падови. Во филмската верзија на дел Торо, Виктор Франкенштајн (Оскар Ајзак) е тој што по грешка ја убива жената што ја сака, наместо суштеството свесно и сурово да ја убие Елизабета како во романот.

Слично, една година претходно, љубителите на жанровскиот спектакл беа во еуфорија кога „Дина: Втор дел“ на Дени Вилнев заврши трагично: Фременката Чани (Зендеја) одбива да ја прифати политичката свршувачка на Пол Атрејдес (Тимоти Шаламе) со галактичка принцеза. Наместо тоа, таа го препознава во него тиранинот во зачеток - нешто што многу читатели го превидуваат кога го завршуваат првиот роман на Френк Херберт во занесот од победата на Пол, додека Чани во книгата прифаќа да остане негова конкубина.

Лесно е да се постави прашањето дали Фенел е мерена со поинаков аршин - можеби поради нејзината склоност кон раскош и претерување, што предизвикува отпор во одреден, гласен дел од современата онлајн критика. Или можеби затоа што е жена. Но можно е проблемот да не е толку во Фенел, колку во самиот изворен материјал. Додека дел Торо и Вилнев, како и Фенел, имаат лична, формативна врска со романите што ги адаптирале, „Оркански височини“ е далеку поуниверзален текст - задолжителна лектира за илјадници ученици од двете страни на Атлантикот.

На крајот, уметноста е поисполнувачка кога се доживува според сопствените правила, наместо постојано да се мери со текстот од кој произлегла. Најдобрите филмови базирани на книги често немилосрдно го прекројуваат својот извор - „Кум“, „Ајкула“, „Сјаење“.

Како што еднаш рече Гиљермо дел Торо:

Адаптацијата е како брак со вдовица. Можеш да му оддадеш почит на покојниот сопруг, но во сабота навечер, сепак, треба да живееш свој живот.

23 февруари 2026 - 11:05