Новата „ice bucket” ташна на Гучи чини колку 950 кеси мраз

После кесите на Баленсијага, ред беше да се појави уште нешто од тој калибар. Овој пат, Гучи вади торба, како за плажа и чини 950 долари.

Откако им дојде Алесандро Микеле, на Гучи не им е само до облека - се мешаат во што стигнат. Микеле пушта пипци насекаде - од Вес Андерсон бои до секакви други закачки со поп-културата. Во неговиот свет, машките носат сукњи, светкавите комбинезони се носат за дневно кафе, а кофи за мраз чинат скоро 1000 долари. Новата пастелно-розева, гумена кофа за мраз на Гучи на Farfetch чини 950 долари и плус, можете да си докупите Гучи шолја за кафе од 290 долари, за, како што коментираат од i-D.vice, да си ги чувате најлуксузните коцки мраз.

Гучи си направи концепт од мешање во секојдневни предмети. Има цела една понуда за „гучизирање” на целото ваше секојдневие - на пример, можете да почнете со плишан параван од 32.000 долари. За да додадете на атмосфера, имате миризливи стапчиња од 70 долари, а за до супермаркет имате безбол капче за 300 долари.

Па што ако е 32.000.

Микеле веројатно не е ни единствениот дизајнер што шета низ некое Хубо за инспирација - лани Раф Симонс пушти самолеплива трака за 302 долари и се разбира, да не заборавиме на циглите на Supreme што беа 30 долари парче.

И нели, спајалицата.

Следно - кеси за ѓубре, можеби?

Ќе видиме. Ама ич нема да се изненадиме.

26 март 2018 - 12:00