Постојат „клетви“ и суеверија што на американската музичка индустрија ѝ се многу познати, а на јавноста некои да („Клуб 27“), некои ич („Денот кога умре музиката“).
Па да видиме:
Клетвата на Роберт Џонсон
Блузерот Роберт Џонсон е познат по неговата клетва скоро колку што е познат и по музиката: Приказната е дека Џонсон се сретнал со Ѓаволот на една раскрсница, на периферијата не некој непознат град на американскиот југ и ја заменил душата за да стане митолошки блуз-изведувач. Но, бидејќи е Ѓаволот во прашање, Џонсон навистина тоа го постигнал, но не му траело долго - починал на 27 годишна возраст.
Некои мислат дека дури и песната Crossroads е проколната, заедно со сите што направиле кавер - И Ленрд Скинрд и Алман Брадрс имале трагедии во бендовите, а Ерик Клептон кој има и соло кавер и кавер со Крим го има изгубено синот.
Клуб 27
Таканаречениот 27 Club е составен од музичари со силна ѕвезда што имаат многу рано изгорено. Името е смислено откако во ‘60-те и ‘70-те кога светот изгубил некои од најјаките музичари. Прво Брајан Џонс, гитаристот на Ролинг Стоунс го нашле мртов во базен во 1969. По него Џими Хендрикс кој умира од предозирање во Лондон во 1970. Месец дена подоцна истото ја снаоѓа Џенис Џоплин. Во 1994-та, Курт Кобејн си го одзема животот на 27, а во 2011 се одјави Ејми Вајнхаус, исто така на 27.
Клетвата на гитаристот на Флитвуд Мек
Флитвуд Мек има поминато толку многу гитаристи, што не е толку клетва колку што е неизбежност. Ги основа Питер Грин, кој го напушта бендот за да си го среди менталното здравје. Потоа ги напушта Џери Спенсер. Во 1972, Дени Кирван почнува да се однесува бизарно за време на свирка и си ја мава главата од ѕид, па ги провоцира другите од бендот и публиката. Подоцна умира од проблеми со ментална болест. Неодамна, Боб Вестон настрада од фатална аневризма, а подоцна, 2012 година, Боб Велч си го одзема животот откако дозна дека никогаш нема да прооди.
The Day the Music Died
Датумот 3 февруари 1959 е познат како „Денот кога умре музиката“, затоа што на тој ден, Бади Холи, Ричи „Ла Бамба“ Валенс и Д Биг Бопер биле во ист авион кој се срушил за време на нивната Винтер Денс Парти турнеја. Клетвата е позната и како „Клетвата на Бади Холи“ затоа што многу музичари и обични луѓе што го познавале Холи прерано умреле оттогаш. Рони Смит, вокалистот што го најмиле да го замени Холи на турнејата се има пријавено сам во ментална болница, за неколку години подоцна да си го одземе животот.
Белата запалка
Ако имате бела запалка во џеб, фрлајте тоа. Има мит дека сите што користат бели запалки се проколнати, само што - каква врска има тоа со музика?
Е па, наводно, Курт Кобејн, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин и Џим Морисон сите биле пронајдени мртви со бела запалка во џеб или наоколу.
Клетвата на Лед Цепелин
Има легенда дека кратко откако се формирале, тројца од четворица членови (Пејџ, Плант и Бонам) направиле фаустовски договор со ѓаволот за да станат ѕвезди и оттогаш животите им се проколнати.
Роберт Плант доживеал тешка сообраќајка со семејството, каде што толку бил повреден што не можел да се движи без помош некое време. Подоцна ненадејно му умира синот на 6-годишна возраст од непознат стомачен вирус. Пејџ за малку ќе отидел од битките со зависност од супстанци, а Бонам почина од слични причини во 1980-та. Џонс, кој наводно не учествувал во „договорот“ нема „настрадано“ ни од престанување на групата со работа.
Клетвата на Деветтата
Во светот на класичната музика, постои нешто што се вика The Curse of the Ninth и се однесува на композитори што умреле откако напишале „Деветта симфонија“. Најпозната жртва на клетвата е Бетовен, а Густав Малер мислел дека ја победил со тоа што почнал „Десетта симфонија“, но починал пред да ја доврши.
Devil’s Trill Sonata
Наводно, композиторот Џузепе Тартини сонувал дека му се појавил Ѓаволот и направиле пакт за неговата душа. Веднаш штом се разбудил, ја грабнал виолината и залудно пробувал да ја повтори музиката што ја слушнал во сонот, што подоцна станува Виолинска соната во Г-мол (Violin Sonata in G minor). До крајот на животот верувал дека е тоа најдобрата песна што ја создал, но некои оркестарски музичари ја сметаат за проколната.
Караоке клетвата за My Way
Во светот на караокето, ниедна друга песна не значи покољ како My Way на Френк Синатра. Или барем така е на Филипините: толку многу луѓе имаат умрено откако ја испеале таа песна, што има посебна криминална категорија. Некои велат дека е поради популарноста на песната во комбинација со агресивната атмосфера во клубовите, а не самата песна што води до вакви проблеми, но како и да е, на караоке-баровите не им се ни ризикува, па од сегде е повлечена како опција.
Клетвата на Греми наградата за најдобар нов уметник
Легендата вели дека после првичниот налет на внимание, победниците во категоријата „Најдобар нов уметник“ на Греми наградите се соочуваат со мизерија, притисок да го надминат успехот со наградата и во најдобар случај, завршуваат како прашање на квиз. На пример, Мили Ванили и Мен ет Ворк.
Овчарската пита на Ролинг Стоунс
Многу уметници имаат ритуали за пред шоу, но на Кит Ричардс не само што му треба овчарска пита пред да се појави на сцена, туку мора да биде и првиот што ќе ја скрши кората. Толку е упорен, што има отпуштено тур-менаџер и шеф на обезбедување затоа што му пробале од питата пред тој да ја пипне. Подоцна ги вратиле на работа затоа што турнејата не можела да продолжи без нив.