
Токму затоа концептот на т.н. „француска недела“ последниве месеци предизвикува интерес на социјалните мрежи и во медиумите. Суштината е едноставна: неделата е наменета за одмор, без стрес и без амбиции за продуктивност. Ден во кој ништо не „мора“.
Оваа практика има корени во католичката традиција и почитувањето на сабатот - денот за одмор - но во Франција таа не е само религиозен остаток, туку дел од поширока култура на однос кон работата и времето. Иако големите градови постепено го усвојуваат глобалниот, поинтензивен ритам, многу продавници и бизниси сè уште не работат во недела или имаат скратено работно време. Самото темпо на живот испраќа порака: не мора сè да се заврши веднаш.
Французите важат за вредни работници, но истовремено поставуваат јасни граници - долгите паузи за ручек, задолжителниот годишен одмор и традиционалното „затворање“ на земјата во август се дел од култура што не ја става работата над сè, како други западњаци што се обидуваат да наметнат. Работниот ден често вклучува време за разговор, кафе и пауза - нешта што во многу други земји се сметаат за губење време.
Во САД и Велика Британија се наметнува идејата дека „ако си ја сакаш работата нема да ти личи на работа“, но токму таа филозофија може да доведе до постојана достапност, прегорување и чувство дека и викендот мора да биде „корисен“. Магично, неделата станува ден за администрација - плаќање сметки, подготовка на оброци, организирање на неделата што следи.
Дополнителна разлика се гледа и во начинот на кој се структурира секојдневието. Во Франција, распоредите често се помалку преполнети и кај возрасните и кај децата. Помал број воннаставни активности и помал притисок за постојано „градење биографија“ создаваат повеќе простор во текот на работната недела за рутински обврски. Тоа овозможува викендот навистина да остане простор за одмор - често поминат во природа или со семејството.
Секако, моделот не е совршен и не секој може да си дозволи цел ден без обврски. Современиот начин на живот носи финансиски и професионални притисоци што не исчезнуваат со културна одлука. Но можеби суштината на „француската недела“ не лежи во буквалното неработење, туку во промена на ставот: одморот не е награда што треба да се заслужи, туку потреба.
Во време кога заморот станува колективна состојба, идејата барем неколку часа да се одвојат без вина, без продуктивни цели и без чувство на итност може да биде револуционерна. Можеби не е возможно секоја недела да биде целосно празна. Но можеби е доволно да се остави простор - макар и мал - каде што ништото не е губење време, туку начин на обновување.