Речиси 33 проценти од вработените возрасни луѓе кажуваат дека спијат шест или помалку часа, а препораката е седум или повеќе за оптимално здравје и добросостојба. Американците пријавуваат дека барем три дена неделно се чувствуваат поспано, а многумина од нив велат дека тоа им влијае на дневните активности, расположението и продуктивноста.
Не ни страда само расположението кога не добиваме доволно сон: спиењето е од основна важност за здравјето. Ненаспаноста води кон ризик од дијабетес, кардиоваскуларни болести и рак. Истовремено, поврзана е со имунитетот и метаболизмот.
Ако ова не ве плаши доволно, тогаш еве уште една непријатност: постои нешто што се вика спиечки долг и се објаснува од прилика вака:
Ако треба да спиеме седум часа, а отспиеме само пет, тогаш должиме два часа. Кога ќе се случи тоа, не функционираме како што треба наредниот ден и со време тоа се акумулира. Се манифестира со негативни влијанија на когнитивните функции, како на пример побавна реакција на вообичаени дневни задачи. Луѓето мислат дека се посебни, па изјавуваат работи како „мене само пет саати ми требаат“, но тоа само значи дека на некои подобро им оди компензација. А и не се работи толку за времето поминато во спиење колку за квалитетот на сонот. Без разлика дали спиете колку што треба, будење и легнување во различно време има негативен ефект врз сонот и може да го зголеми долгот.
Уште еден фактор што влијае на спиењето е дремењето - и тајмингот и траењето. Дремките треба да траат околу 30 минути и сѐ над тоа може да се смета за циклус на спиење и може да се замеша во квалитетот на ноќното спиење.
Може ли да се надомести „долгот“?
Краткорочно гледано - да, но на долги патеки станува проблем. Ако на пример, работите трета смена, акутно можете да го надоместите тоа во наредните ден-два. Може да се успиете или да се доспиете во текот на денот, па ќе вратите нешто од долгот. Ама хронично? Никако.
Ако сте хронично ненаспани со недели, месеци или години, долгот не се враќа со ништо. Експертите на оваа тема не можат да ви кажат „Толку ти е долгот, направи го тоа и тоа за да го вратиш.“ Ниту пак ќе можат да кажат што може да се направи за да се надоместат сите штетни ефекти што долгорочното неквалитетно спиење ги предизвикало.
Сепак, не е сѐ изгубено: Дремките помагаат многу за да се чувствуваме поодморени, а исто и менувањето на животниот стил, за да се даде приоритет на спиењето. Проблемите со спиење се средуваат постепено, ноќ по ноќ. Креветот треба да е место за опуштање, а помага и позитивниот став и намерата конечно да престанеме да си должиме сон.