Мајките што престанаа да ги трпат неблагодарните возрасни деца

Во дигиталниот простор сè почесто се појавуваат гласови на родители кои јавно зборуваат за нешто што долго време се сметаше за табу: прекинот на односите со нивните возрасни деца. По години во кои психотерапевти, инфлуенсери и онлајн заедници ги охрабруваа младите да поставуваат граници и, доколку е потребно, целосно да се дистанцираат од „токсични“ семејства, сега се појавува контрадвижење. Неговиот тон е јасен и често гневен: не бевме лоши родители и проблемот не е секогаш кај нас.

Една од највидливите фигури во ова движење е Лора Велингтон, 59-годишна мајка од Конектикат, која минатата година отвори ТикТок профил под името Doormat Mom (Мајка-чергиче за кондури). Во своето прво видео таа директно им се обрати на родители кои, како што вели, дале сè од себе, а сепак биле отфрлени од своите деца.

Пораката брзо одекна. За кратко време, Велингтон собра речиси 140.000 следбеници на социјалните мрежи, лансираше подкаст, напиша мемоари и најави апликација за поврзување на родители во слична ситуација.

Ваквите платформи, водени најчесто од мајки, имаат за цел да ја намалат стигмата и да создадат чувство на заедништво кај луѓе кои доживуваат една од најболните форми на загуба - дете кое е живо, но отсутно од нивниот живот. Во коментарите под нивните објави, други родители изразуваат благодарност што конечно некој зборува и за нивната страна од приказната. Истовремено, возрасни деца кои не разговараат со своите родители ги критикуваат овие пораки како избегнување одговорност и промовирање на улога на жртва.

Според истражувањата на Карл Пилемер, социолог и професор на Универзитетот Корнел, околу 10 проценти од населението во САД во секој даден момент е во прекин на односите со родител или дете, а со растечките политички и социјални тензии, ваквите семејни раздори стануваат сè почести. Податоците покажуваат дека децата почесто ги прекинуваат односите со татковците, но мајките потешко го поднесуваат тоа, бидејќи нивниот идентитет често е посилно врзан за улогата на родител.

Експертите предупредуваат дека ваквото јавно истапување може да има двоен ефект. Од една страна, за некои родители тоа е терапевтски процес кој носи поддршка и чувство дека не се сами. Од друга, јавното обвинување на децата може дополнително да ги отежне шансите за помирување. „Приказните за семејно отуѓување отсекогаш ги фасцинирале луѓето“, вели Пилемер, „но јавното изложување на семејните конфликти носи свои ризици“.

Покрај Велингтон, сè погласни се и други мајки; една на пример тврди дека го прекинала контактот со својот син по години на емоционална злоупотреба, друга дека не знае зошто нејзиното најстаро дете целосно ја блокирало. Нивните пораки често се мешавина од лична болка, критика кон терапевтите и повик родителите да престанат да се чувствуваат виновни.

Но постои и контра-реакција на ова движење. Лиза Џинет, 55-годишна мајка од Северна Каролина, јавно признава дека нејзините ќерки ја прекинале комуникацијата поради нејзиното однесување и дека терапијата ѝ помогнала да преземе одговорност. Нејзините видеа, во кои отворено зборува за сопствените грешки, исто добија милионски прегледи и поддршка од деца кои посакуваат нивните родители да направат ист таков чекор.

Дебатата околу семејното отуѓување сè повеќе се одвива во јавноста, без јасни победници. Помеѓу болката на родителите, гневот на децата и влијанието на социјалните мрежи, останува отворено прашањето дали ваквата видливост води кон разбирање - или само кон подлабоки ровови меѓу генерациите.

10 февруари 2026 - 00:00