Ја знаат по наследството на богатството на Гинис, по јавните бракови - прво со уметникот Лусијан Фројд кој го насликал нејзиниот портрет „Девојка во кревет“ во 1952, па со поетот Роберт Лоуел, кој ја опишал како „сирена што се гости со коските на нејзините љубовници.“ Леди Керолајн Блеквуд не била било каква дама од високото добро утро. Била мрачна, умна и оригинална романсиерка, се фаќала за многу недамски теми како самоубиство, силување и ексцентричностите и страдањата на сопствената аристократска класа. Најдобрите нејзини ликови се ужасни чудовишта и британските критичари ја забележале брилијантната иронија и безобразлук во нејзиното пишување. Запаметена е како неверојатна убавица и ексцентрична муза и најпозната е како една од најмрачните писателки на 20-от век.
Родена е во неверојатното богатство на династијата Гинис и пораснала меѓу аристократија во камената куќа на нејзините претци во Северна Ирска. Во 1949 ја претставиле како дебитантка, пред да почне бунтовна кампања за инат на мајка ѝ, оставајќи колеџ, наоѓајќи ментори во левичарски новинари и вљубувајќи се во сите погрешни додворувачи.
На бал каде што присуствувале и членови на кралското семејство, сопругата на Иан Флеминг ја запознала со сликарот Лусијан Фројд. Вечерта ја запаметиле сите присутни заради Френсис Бејкон: се развикал УА! на принцезата Маргарет кога го грабнала микрофонот за да запее со нејзиниот озлогласен пискав глас.
Блеквуд, Фројд и Бејкон многу брзо станале друштво; модерна, уметничка клика што пиела по клубови како Гаргојл и Колони, ја воделе боемската уметничка сцена и повеќе сакале да се дружат со прегладнети уметници, отколку со војводи и ерлови. Со Фројд избегала во Париз во 1952 и се дружеле со Пабло Пикасо. Има и приказна дека Пикасо некогаш ѝ сликал на рацете и ноктите и одбивала да ги измие со денови.
Портретот „Девојка во кревет“ е насликан во хотелот Ла Луизиен во Сен Жермен, каде што отседнале луѓе како Мајлс Дејвис и Били Холидеј, а неколку години живееле и Сартр и Бовоар.
По разделбата заради неговата склоност кон коцкање и деструктивност, Блеквуд покажува интерес за глума и оди во Шато Мармон во Холивуд додека игра мала улога во серија. Кога се преселила во Њујорк, се омажила за композиторот и пијанист Израел Ситковиц, успешен човек, 22 години постар од неа. Во брак биле 7 години, но до моментот кога го родила нивното трето дете, Ивана, им завршил и бракот. До самиот крај на животот на Блеквуд не се открило дека таткото на Ивана е всушност еден од нејзините партнери, сценаристот Иван Мофат. И покрај нејзините неверства, Блеквуд останала во добри односи со Ситковиц, дури и откако го оставила за поетот Роберт Лоуел.
Некрологот на Блеквуд кажува дека страдала од серија несреќи и дека сите ја разгореле нејзината кариера како писателка. Прво смртта на нејзиниот трет сопруг Лоуел, кој се мачел со биполарно нарушување, но на крај починал од срцев удар и го нашле свиткан на задното седиште на њујоршко такси, со „Девојка во кревет“ во рацете. Авторката на „Опасна муза“, Ненси Шоенбергер вели дека во браковите со брилијантни, но измачени мажи, имала моќ сурово да ги провоцира нивните најлоши квалитети и да ја поткопува нивната креативност со жилет-острите забелешки, кои само станувале посурови со нејзиниот алкохолизам.
Годината по смртта на Лоуел, најстарата ќерка на Керолајн, Наталија загинала трагично и ужасно на само 17 години. Се онесвестила во када, пијана, во обид да си инјектира хероин. Луѓето што ја познавале Керолајн се прашувале дали нејзиниот прв роман, „Посвоена ќерка“ објавен две години пред трагедијата бил делумно биографски, базиран на негрижата за нејзината ќерка. Следната, исто така делумно автобиографска книга, „Прабаба Вебстер“ влегла во потесен избор за Букер награда. Осмислена според нејзиното детство, кога ја растеле серија незаинтересирани дадилки на огромниот имот, Блеквуд пишува за девојче кое го праќаат да живее со прабаба му во распадната селска куќа. Нејзината трета книга, „Судбината на Мери Роуз“ го опишува ефектот на силувањето и мачењето на десетгодишно девојче во мало англиско селце. Во ’80-те пишувала биографии на членовите на нејзиното поранешно друштво во Лондон, меѓу кои биле принцезата Маргарет и Френсис Бејкон. Сѐ уште пиела многу и живеела сама во поранешен погребален дом во Саг Харбор, Њујорк. Умрела од рак во 1996. Сите нејзини книги се мрачни бајки и кого го интересира ги има овде.