Кога се потпираат на тебе, a ретко те прашуваат како си

Луѓето што ќе се препознаат во насловот нека се потапшаат по рамо - ако ништо друго, имаат развиено специфично комплетче вештини што им помагаат низ животот. А не им е лесно - поддршката секогаш тече само во една насока.

Постои тивок, но препознатлив тип на личност во секое друштво: човекот на кој сите се потпираат, каде што се јавуваат кога нешто ќе тргне наопаку, кога треба совет, утеха или некој што ќе слуша без осуда. Секогаш одговара, секогаш се појавува, секогаш држи простор за туѓите емоции - но ретко кој застанува да провери како е тој човек навистина.

Во секојдневните интеракции, прашањето „Како си?“ често останува формалност. Се претпоставува дека човекот е океј, затоа што, нели, секогаш делува стабилно и таа улога постепено станува идентитет: силна, смирена, функционална. Просторот за искрен одговор се стеснува, а очекувањето дека некој ќе забележи дека нешто не е во ред речиси исчезнува.

Со текот на времето, ваквите луѓе развиваат исклучителна емпатија. Не ги чувствуваат само сопствените емоции, туку и туѓите, забележуваат нијанси што другите ги пропуштаат - промени во гласот, кратки паузи, погледи што кажуваат повеќе од зборови. Таа емоционална чувствителност ги прави незаменливи во односите. Покрај нив, луѓето се чувствуваат видени, разбрани и безбедни. Но цената често е тоа што туѓата болка останува со нив и по завршувањето на разговорот.

Контактот со овие личности често е функционален. Телефонот ѕвони кога има проблем, кога некој е во криза или кога треба поддршка. Ретко кога повикот е само за разговор или проверка. Таа нерамнотежа - чувството дека вредноста доаѓа од она што го даваат, а не од тоа кои се - со време создава тивка исцрпеност. Од оваа позиција природно се развива и длабока способност за „читање“ луѓе. Овие личности знаат кога некој крие нешто, кога му треба простор, а кога нежно туркање напред. Таа вештина ги прави столб на секое пријателство, партнерство или семејство, но истовремено значи дека речиси никогаш не се целосно исклучени - секогаш на штрек, секогаш достапни.

Со текот на годините се гради и силна самостојност, затоа што кога нема поддршка - сам си. Се снаоѓаш, решаваш, одиш понатаму - и таа издржливост е реална сила, создадена од повторно минување низ тешки ситуации без сигурносна мрежа, но зад неа често стои замор од постојаната улога на „силниот“.

Чувството на невидливост е чест придружник кај ваквите луѓе. Забележливи се кога се потребни, но во секојдневието лесно паѓаат во позадина. Не секогаш се првите што некој ќе ги покани или ќе ги побара без конкретна причина и токму тоа создава прашање што ретко се изговара на глас: дали би недостасувале ако престанат секогаш да бидат достапни?

И покрај сè, овие личности носат нешто исклучително ретко во современите односи: стабилна, автентична, безусловна грижа. Присуство што им овозможува на другите да бидат ранливи, да закрепнат, да растат. Не е мала улога, да имаш способност да потпираш секакви ѕидови, само со усул - нема смисла твоите да паднат затоа што светот е без осет.

5 февруари 2026 - 11:17