Како еден крал на модата може да исчезне во заборав

Неговата оставштина ја споредуваат со таа на Пикасо, во Америка е King of fashion, во Париз е Le Magnifique. Ги ослободил жените од корсети, доминирал во Убавата епоха со богати парчиња и бил прв француски кројач што комерцијализирал сопствени парфеми, што сега е стандарден маркетиншки концепт во индустријата.

Пoл Поаре би требало сите да го знаат. Наместо тоа, умрел во сиромаштија, со непризната и отфрлена генијалност, а преостаната роба му била распродавана на кило како крпи.

Роден е во работничката класа во Париз, како син на трговец со платна. Како тинејџер, Поаре чиракувал во продавница за чадори, каде што собирал парчиња свила за да изработува облека за една од куклите на сестра му. Ова време и почнува да ги носи неговите скици кај Луис Шеруи, една од првите жени што контролирала голема француска модна куќа. Му откупила многу од скиците и наскоро, Поаре бил вработен во една од најзначајните кројачници во Париз.

Таму бил одговорен за креирање едноставни и практични парчиња облека, или нешто што претпоставените го викале „пржени компири“ - додаток во чинијата на раскошните балски фустани на матичната House of Worth. Сепак, дизајните на Поаре наскоро се докажале како неконвенционални и премодерни за најстарата и најфалена шивачка куќа. Му рекле да си оди кога на руската принцеза Баријатински ѝ претставил ново палто скроено како кимоно. „Каков хорор!“ извикала кога прв пат го видела дизајнот. „Кога има вакви мивки што ни трчаат по кочиите и нѐ нервираат, ние им ги сечеме главите и баш во такви вреќи ги ставаме!“

Коментарите на принцезата не ги земал при срце и продолжил да ги крши воспоставените конвенции на шнајдерството. Почнал со женското тело, заробено во корсет уште од Ренесансата. Земал инспирација од грчки, јапонски и силуети од Блискиот исток, и акцентот го префрлил од строги кроеви во распуштено и висечко како завеса.

Она што следи е револуција во правењето фустани; завршува времето на „S“ силуетата - истакнување на градите напред и задникот истакнат позади, а Поаре не е единствениот што се бунтува против ова - ви текнува на фустанот што бил премногу секси дури и за Париз во 1920? Сепак, токму Поаре најмногу го поврзувале со новиот изглед.

Други негови дизајни се фустани како абажур, „султана“ сукњи, шалвари, пелерини со реси и турбан-шапки, сѐ инспирирано од експресијата на ориентализмот, референца што се гледа и кај Ив Сан Лоран во ’60-те и ’70-те.

Поаре бил исто така првиот кројач што го промовирал концептот на „тотал лајфстајл бренд“ - имал своја компанија за козметика и парфеми, како и за уредување ентериер. Бил главен во париската мода меѓу 1903 и Прва светска војна, а инстинктот за маркетинг и брендирање му бил ненадминат.

Кога го основал брендот за парфеми „Parfums de Rosine“, наречен по ќерка му, организирал велелепна забава со раскошни фустани за кремот на париското друштво и за тоа се зборувало со месеци потоа. Настанот бил познат како „Илјада и втората ноќ“ и градините на неговиот дом биле цели накитени со фенери, со шатори и тропски птици.

Самиот Поаре бил облечен како султан и секој гостин дома си го однел новиот парфем „Персиска ноќ“.

Сите дизајнери користеле (и сѐ уште користат) скици за илустрација, но Поаре бил првиот што користел фотографија. Априлскиот број на списанието Art et Décoration од 1911 се смета дека е првото што имало модна фотографска сесија - во обид да ја промовира фотографијата како уметност, фотографот Едвард Стајкен избрал да фотографира фустани на Поаре. Поаре веќе ја претворал модата во забава и веќе ги цртал плановите за иднината на современата модна индустрија.

Бил поканет да ги претстави неговите дизајни на улицата Даунинг бр. 10 пред британскиот премиер и лондонската елита. Американците го викале Кралот на модата и им бил прв избор на некои од најсветлите ѕвезди во тоа време, како Џоан Крафорд.

Тогаш, на сцена стапува една од најгрозните иновации на човештвото - Првата светска војна го заробува Поаре како воен кројач на француската армија и додека да успее да се врати на нозе, бизнисот му бил на раб на банкрот.

Одредена Коко Шанел се вклучува во сликата, со нејзините мазни, едноставни алишта кои одговараат на повоеното расположение. Почнува да владее корисност и функционалност наспроти луксузно и сензуално, па го критикувале за „лошо изработените алишта“ и ирационалната конструкција. Не можејќи да го спои модернизмот со сопствената уметничка визија, во сред крах на берзата, почнал да ја губи поддршката од бизнис-партнерите, па дури и од пријателите. Една година пред да го затвори бизнисот, после 23 години брак, се развел и од жена му која своевремено ја нарекувал „инспирацијата зад сите мои креации… изразот на сите мои идеали.“ Разводот бил далеку од пријателски и го оставил во уште поголем долг. Модната куќа ја затворил и бил принуден да тезгари и да работи како уличен сликар.

Последните 15 години пред неговата смрт, неговите револуционерни дизајни комплетно се забораваат, а остатокот од робата во неговата модна куќа се продава на кило како крпишта.

Без скршена пара, пробува да продава слики на муштерии во париски кафулиња. Асоцијацијата на кројачи се сожалува над лошата состојба на нивниот поранешен колега, па дискутираат да му дадат месечен џепарлак за да го одржат на нозе, но на таа идеја вето става поранешниот работодавач, House of Worth.

На крајот, само две личности му помагаат на Поаре да не се распадне целосно. Поранешната вработена, Франс Мартано редовно го хранела кај неа дома за никогаш да не биде гладен. Била љубезна со него кога сите го заборавиле иако години претходно, Поаре ја избришал од неговите мемоари кога го напуштила за да стане независна кројачка во Париз.

Друга пријателка, Елса Скиапарели и најголема ривалка на Коко Шанел платила за неговиот погреб и се осигурала дека постоечките дела ќе си го најдат патот до колекционери или музејски архиви.

Оживувањето на брендот на Поаре се случи во 2013, кога Чанг Ју-Кјанг, правнука на еден од основачите на Самсунг и одговорна за носењето на Живанши и Селин во Јужна Кореја, започнува патување да основа своја хај-фешн куќа. Во 2015, го купува брендот Поаре на аукција за сума што не е изнесена пред јавноста, а со тоа и архивите на модната куќа. Дизајнерот Јигинг Јин го најмува за да прави нова Поаре колекција.

Сега можеме само да го следиме развојот на настаните и воскреснувањето. И да следиме на Инстаграм.

Запаметете го името Поаре.

 

25 август 2021 - 13:08