
Вања, почивај во мир мило девојче, твоите бездушни убијци се осудени на доживотен затвор, а твојот татичко Александар е ослободен од грозното обвинение што му го исконструираа полицијата и обвинителките.
Александар, Господ да ти даде сила да се опоравиш од најмонструозното зло што ти беше нанесено - од убијците, од полицијата, од обвинителките, од целата јавност која те осуди без да почека докази.
Судија Ивица Стефановски, секоја ви чест за пресудата, особено за ослободителната за Александар.
Обвинителки Жаклина и Ана, срам и арам да ви е. Вие сте дно од обвинители и за вас треба да се води постапка.
Палчо и бандо проста околу него - да горите во пеколот, што побрзо!
Во продолжение ќе се посветам на „професионалкиве“ од ЈО.
Вие две, да не нè мислите сите нас, целата јавност, дека сме глупави, а вие дека сте најпаметни? Епа, не сте.
Ајде по ред.
Денеска, откако судијата Стефановски донесе ослободителна пресуда за Александар, ЈО Жаклина Крстевска Јосифовска со цел памет побара таткото да остане во куќен притвор, согласно закон, ама такво нешто нема во законот. По минутка, ЈО Ана Стојковиќ Димитровска стана и побара на Александар да му биде укината мерката, поради ослободителната пресуда. Каква брука!
Во изјава пред судот, двете најавија дека ќе се жалат на ослободителната пресуда. Изјавија дека немале докази против Александар, немале цврсти, непобитни елементи, какви што посакувале, ама имале индиректни докази.
- Кога станува збор за Александар Ѓорчевски, и покрај тоа што судот не ги образложи своите ставови, за нас е очигледно дека само родителите знаеле дека девојчето тој ден ќе оди само во училиште. Двајца од обвинетите сведочеа дека токму таткото ја споделил таа информација, преку Палевски. Без таа информација, не би дошло до киднапирање. Не можевме да го занемариме тој факт. Обвинителството немаше простор за поинаква одлука. Ќе поднесеме жалба и ќе оставиме Апелација да го каже своето – рече Ана Стојковиќ Димитровска.
Она уште е во филм. Народот вика, ем шуто, ем се боде. Наместо да се повлечат, ќе се жалат.
Нека не замајува ЈО Ана. Не е точно дека само родителите Зорица и Александар знаеле дека Вања тој ден по исклучок ќе оди сама. Информацијата дека Миња ќе губи прв час во кобниот понеделник, 27 ноември, е споделена од класната на Миња во вибер група и во фејсбук група со родители. А тоа се веќе, многу повеќе луѓе од „само родителите Зорица и Александар“. Ако во одделение има 30 ученици, колку родители се тоа?
Не ѝ вреди зборот на ЈО Ана. Без докажан мотив за користољубие, без доказ за коминикација, сакаше да уништи невин човек. Епа, не може!
А можеше, на пример, да истражи како го тепале Музафер Каришиќ и Дејан Димовски. Да си ја исполни должноста за која ја плаќаме и да проследи до ОЈО ГОКК, одделение за гонење полицајци кои извршиле кривични дека, па тамошните обвинители да ги испитаат наводите за тортура. И ако се докажат тие наводи, Музафер и Дејан да си одлежат икс години затвор, како што е предвидено за изнудување признание со тортура.
Наместо да ги истражи, таа ги отфрли како невистинити исказите на Александар и на тројца други обвинети дека се крвнички млатени и во полиција и во притвор! Обвинетите и пред судот, под заклетва сведочеа дека се тепани. Ама, за нашиве ЈО тоа се паушални искази. Епа, како се тоа паушални искази, а не се паушални исказите дадени во истрагата? Или, си се служат како од послужавник кој дел од исказите ќе го земат за веродостоен, а кој не, според она како ним им одговара? Демек, не знаат дека полицијата до ден денес ги пречекорува овластувањата?
Исто, како со исказот на Манев за кријачот на пиштолот. Обвинителките не го најдоа оружјето, а кога Манев во сведочењето во март рече дека по налог на Палчо го предал „пакетот“, не мрднаа со прст. Манев во завршен збор го кажа името на кријачот, па беа принудени да реагираат.
Мотивот не го докажавте. Истрагата не ја проширивте. На многу прашања не одговоривте.
Не може тоа така обвинителки.
И вас има кој да ве обвини, а тоа е вашиот газда - граѓаните на Македонија и јавноста која будно го следи целиот процес.
Работата ја оставивте незавршена, многу прашања неодговорени. Знаете и самите.
Ние ве плаќаме, нам ни одговарате. Наши слуги сте, на народот, а не на валкани полицајци. Нас треба да нè штитите од сите подземни и надземни структури кои се спремни на разни зла. Нам сте ни се заколнале.
Нека ова е последен случај во кој полицијата и Обвинителството се замислуваат дека се богови и дека можат баш сè - па и да стрпаат невин татко во затвор.
На ред се Љупчо Коцевски, Ислам Абази и Панче Тошковски, да ја расчистат оваа ујдурма. Јавноста будно ќе следи.
И ќе повторам, ако имаме саглам Јавно обвинителство, ќе имаме и саглам држава.