Можеби подоцна сепак ќе се развие. Можеби ќе стане подобро. Може ќе се врати на своите славни корени од „Сексот и градот“, како што тврдат некои критичари на интернет. Но, мене, после гледање на почетокот на третата сезона „И едноставно така...“ во глава ми се појави само една мисла: „И сега е доста.“
Јас сум навистина голема обожавателка на серијата „Сексот и градот“. Отсекогаш бев и засекогаш ќе останам. Почнав да ја гледам уште од крајот на претходниот век, случајно наидувајќи на епизоди што се емитуваа меѓу филмови на ТВ1000, тогаш единствениот интересен канал во сателитскиот канал. Во хронолошки неповрзан ритам и со таа заразна инструментална шпица почнав да ја следам Кери Бредшо долго пред епизодите на СиГ да стигнат на ХБО и домашнитеканали. Мислам дека дури ја набавив и книгата на која се темели серијата, пред „Сексот и градот“ да стане ноторен, поп-културен факт. И го сакав до последен здив.
Не филмовите. Тоа го поттиснав, за тоа можам да разговарам само во психијатриска ординација со помош на крпени кукли и асоцијативни цртежи. Немојте сега за филмовите. Но, серијата отсекогаш ја обожавав.
И ден денес мислам дека тоа е серија во рангот на „Сопранови“ и плукам во лице на секој што ја отфрла како фриволна шареност за празноглави глупачи, или недајбоже идиотарија што се бави со мода наместо со приказна. Како прво, отфрлањето на модата како нешто неважно и како нешто што нема врска со приказната е тотален saperlot. Ако мислите дека модата нема никаква врска ни со приказна, ни со серии, тогаш слободно соблечете го Тони Сопрано од мокасините или бањарката, или на Дон Дрејпер облечете му тренерка, па да видиме. А, како второ, ако можат да се снимаат серии за животите на фудбалерите и тоа да излезе интересно, СиГ докажа дека може да се снимаат и животни, паметни, еџи серии што се одвиваат во животите на пребогати њујорчанки. И тие се луѓе. А, тој град е таков. И би можела сега да се заборавам од пишување зошто СиГ е важна, паметна, духовита и со длабок увид обдарена серија за меѓучовечките односи, колку е важна за феминизмот и поддршката на жените - ама овој пат нема. Не бранам докторат. Ама го бранам својот статус како тотален поборник на „Сексот и градот“.
По некоја резерва имав отсекогаш. Тоа не беше толку ни Мистер Биг, кој го мразев од првиот момент кога се појави на екранот, само малку повеќе отколку што ја мразев опсесијата на Кери со него, но секако помалку од она што најмногу го мразев - фактот дека сепак на крај заврши со него, како да беше тоа некаков хепиенд. Да повратиш. Но, тоа секако се вклопуваше во приказната, драмата, конфликтот, што и да е. Без разлика дали ќе ми признаете, оригиналната СиГ е снимана во период кога сѐ уште владееја мрачни и неосвестени концепти за машко-женските односи, според кои преобратување на токсичен кретен во совршен маж со силата на женската љубов беше главна цел на романтиката на тој несреќен хепиенд. Грозно, но да бидеме реални - и денес, во епицентарот на светскиот воук, има жени што така резонираат и чувствуваат.
Другата резерва веројатно потекнува од средината во која сум родена, а која не беше тежок пролетеријат, но сепак беше далеку од светот на менхетнските привилегии. Сѐ уште немам ништо против тие драми, сериозни меѓучовечки односи, целата таа трагикомедија на човечката состојба, да се одвиваат меѓу луѓе што пливаат во пари и најголемиот егзистенцијален проблем им е што не можат да купат стан од петсто милиони, затоа што месечно заработуваат само триста. Тоа ми е сѐ океј, ама барем да имаше некаква трошка социјална и класна свест, некоја макар ситна автореференца, или чувај Боже, автоиронија на тоа како сите тие чевли и клубови во преуредени цркви не се само дух на времето или хедонистички хир, туку и ситуација светлосни години одлепена од остатокот од светот. Во СиГ тоа беше отстрането од старт.
Е, сега. Кога тргна спинофот на СиГ „И едноставно така...“, немав баш позитивни очекувања, напротив, паничев на најјако, трауматизирана од филмовите за кои што не сакам ни да разговарам. Но, на мојата траума веднаш долета мелем - се откачија од првата иритантна појава на оригиналот - Мистер Биг! Мислам, секако жал ми е за човекот, ама драго ми е што веќе не фигурираше како фактор на среќа и спас за Кери. Затоа, првата сезона ми почна ветувачки и затоа до крај ми остана драга, иако имаше страшно многу недостатоци. Мила Исусова мајко, колку многу недостатоци. Ме замараше до бескрај обидот 50-годишните жени од оригиналната серија сосила да ги вметне во модерни времиња и нивните станрдарди. И тоа до тој степен, што среќно ги дочекував приказните кога Кери имаше операција на колк, инаку комплетно спротивни на изворниот концепт и карактерот на серијата. Но, добро. Првата сезона некако ја проголтав и ми беше релативно симпатична.
Потоа во втората сѐ отиде во бестрага. Сега, во третата, како да пробуваат малку да се вратат на вистинскиот пат, ама леле мори мајко. Не дека многу изгледав, ама уште од почеток веќе не ми се гледа.
Ја, инаку сакам воук. Го бранам воук од сите што го сметаат за најголемото зло на современото време. Јас и самата сум воук и се трудам да се прилагодам на стандардите за кои претходно не бев ни свесна и се трудам да ги уважувам општествените потреби на луѓе за кои исто така не сум била свесна, ни за нив, ни за нивната маргинализација. Но, ова просеравање со воук во ИЕТ и мене ми е премногу. Затоа што, тоа НЕ Е ВОУК туку е ПРОСЕРАВАЊЕ. И токму заради тоа плука на своите почетоци, како СиГ да беше некој задрт, затуцан концепт кој сега треба накнадно да го оправдуваме.
А, капак на сѐ, тој воук, кога е вистински и праведен и навистина на вистинската страна на историјата, тогаш потекнува од некоја социјална свест, што во СиГ не беше случај. Тоа ми беше главна мана што на серијата ѝ одземаше на длабочина и слоевитост. Сега има уште помалку, но со инсистирањето на воук само уште повеќе го насочуваат вниманието натаму.
Па, и приказната со Ејдан. Ех, Ејдан... Ако морав да се изјаснувам и да бирам страна, секогаш го бирав Ејдан за Кери, а не таа проклетија од Биг. Но, искрено... Ни мене не ми легна Ејдан баш (освен што Џон Корбет е згоден). Ејдан ми беше отелотворување на тој стереотип на добар дечко, што всушност е скриен шупак. Сѐ нешто на темата „после сѐ што јас направив за тебе“. Да бидеме реални, Кери стварно излезе кучка во врска со него во СиГ, но сепак... Не верувам јас во невиноста на добриот столар. И еве го сега пак.
Може проблемот е во мене, не знам. Но, кога веќе тргнаа да прават reboot за новото време, за нова жена и нови вредности, може немаше да биде лошо да се размисли и за една богохулна идеја - Кери конечно да биде слободна? Да нема вечни внатрешни монолози околу мажи? Да не ѝ се врти животот околу нив? Мене ете, баш тоа би ме радувало и тоа отсекогаш сум ѝ го посакувала. Но, добро, ако не можеше тоа - затоа што божемипрости, каква драма би смислил некој за жена ако нема маж - можеби можеа да поработат малку на другите ликови, другите приказни, таа несреќна социјална свест, животот во Њујорк каков што е денес, а не во некоја негова чудесна верзија од рани 2000-ти, НЕМАМ ПОИМ, али барем НЕШТО.
Вака, не е баш нешто посебно. Сите тие приговори дека се работи за празнотија и шарени чевличиња некако одеднаш оправдано излегуваат на површина, хранејќи се неимагинативноста на овој спин-оф. Една сезона беше во ред, барем за нас носталгичарите. Другата е веќе премногу. Третата - не можам веќе.
Но, реков, којзнае. Може продолжението на сезоната ќе ме разубеди. Не би било прв пат. Но, длабоко се сомневам.