Многу луѓе го имаат овој подвоен идентитет, ми се чини. „Идната Згодна Ти“ си ти кога имаш одличен ден, ама малку осветлена, малку изострена. Ти, ама со погуста коса, со побели заби, со помалку генетски предиспозиции за депресија и интолеранција на лактоза. Ти - подобрена.
„Идната Згодна Ти“ е илузија. Никаде не постои, освен во успешниот инструмент за себемачење - во твојата глава. Филтрите за убавина станаа толку моќно сеприсутни на социјалните мрежи затоа што на кратко, тие „идни ние“ ги прават реални. Филтрите овозможуваат илузија дека ти, со многу мала промена - значи подобра шминка или малку подолги трепки - ќе бидеш ти од соништата. Има нешто генијално во користењето на зборот филтер, што значи „порозна направа што отстранува нечистотии“ да се опише програм за аугментирана реалност што прави дисторзија на една слика. Такви какви што сме со филтер не можеме да бидеме со неколку посети на салон за убавина - само со пластична хирургија.
Видеата со „Ова не е моето лице“ ги има илјадници и често се вирални, а има една непријатна иронија во нив: Божем, се критикува колку филтерот лаже, а всушност корисниците се привлечени од магичната слика на жена чии фацијални карактеристики изгледаат совршено според компјутерски програм.
Почнав да користам филтри на некои од моите слики на Инстаграм. Најдов некоја бесплатна апликација што ми ја измазнуваше кожата и ми ја правеше не толку црвена. Па посакав подобри трепки. Па малку подебели веѓи. Си велев, ми штеди време. Инаку ќе морав да ѝ робувам на шминката за да можам да се сликнам пристојно.
Но, кога се гледам под филтер, неизбежно се чувствувам лошо. Кога се гледам без филтер - исто. Кога ќе се видам со многу шминка и часови поминати на фризура, на кратко ми е добро. После пак ми е лошо.
„Многу ги сакам суптилниве филтри; Rosy Touch се вика и такво е,“ вели К.П, комичарка што во вирално видео на ТикТок се потсмева на филтрите. „Само малку руменило и сите физички карактеристики на жена што никогаш нема да бидеш, колку и да се трудиш, колку и да си нашминкана, што и да направиш.“ Таа тврди дека генијот на филтрите лежи во тоа што ти прават да ти биде криво, а сепак создаваат зависност.
„Многу е Нарцис како гледа во река,“ вели К.П.
Критикувањето на филтри за убавина додека користиш филтер е најновата генерација на „вистинскиот јас“ - Инстаграм постови. Актер или инфлуенсер е нешто божем недочешлан и во коментар признава дека тајно води несовршен живот. Ова е на иста линија со досаѓањето со „без шминка“, но сепак конвенционално прекрасни селфиња, или манекенката што знае на сред сликање да каже „не изгледам вака приватно“.
Ваквите постови се исто толку внимателно конструирани и експертски испродуцирани како и сите други. Дозволуваат човекот да изведува несовршенство на начин што го прави атрактивен. Филтрите користат програми кои често се базирани на карактеристиките на славните, па во момент на „правење цел круг назад“, Ева Лонгорија направи „Ова не е моето лице“ - видео со филтерот Шајни Фокс.
Филтрите и виртуелната реалност фокусирана на убавината има да останат сѐ додека остануваат и стандардите за убавина. Најдобрите критики доаѓаат од креатори што ја признаваат токсичната врска со „Идните Згодни Ние“.
„Знам дека има движење во последно време да се престане со филтри и да се прифати убавината што ја имаме и надвор и внатре во себе, но сакав да кажам…“ почнува инфлуенсерот Стив Патерсон во вирален рил, губејќи се додека зјапа во својот екстремно филтриран одраз. „…Сте го виделе ли овој? Затоа што очите ми изгледаат многу добро.“