И официјално: Миленијалците се најосамена генерација

Осаменоста е тивок убиец. Всушност, има истражувања што кажуваат дека сериозно може да ни го влоши менталното и физичкото здравје. Знае да предизвика штета колку кутија цигари дневно.

И покрај фактот што сме нонстоп поврзани со луѓе онлајн, едно ново истражување од YouGov открива дека миленијалците се најосамената генерација денес. Истражувањето вклучува 1200 постари од 18 години од секаде во Америка и открива загрижувачка количина на изолација. Триесет проценти од миленијалците што ги прашале, кажеле дека секогаш, или понекогаш се чувствуваат осамено, во споредба со 15 проценти од бејби-бумерите и 20 проценти од Генерацијата Икс. 

Уште позагрижувачко е што четвртина од миленијалците рекле дека не познаваат луѓе, 22 проценти велат дека немаат блиски пријатели, а 30 проценти велат дека немаат најдобри пријатели. Го истражиле и резонирањето зад сето ова - се зборувало за потешкотии при стекнување пријателства, на пример, поради срамежливост, недостаток на хобија и интереси и слично. Над четвртина рекле дека не им ни требаат пријатели.

Иако социјалните мрежи нè поврзуваат, ликовите што ги креираме на Инстаграм и Фејсбук нè кријат дека сме поосамени отколку што би сакале да покажеме со селфиња од ручеци. YouGov не идентификува единствен детерминирачки фактор за миленијалската епидемија на осаменост, но сепак идентификуваат поврзаност со социјалните мрежи, цитирајќи истражување од Универзитетот во Пенсилванија, кое открива линк меѓу употребата на социјални мрежи и влошената општа добросостојба, манифестирана со зголемени нивоа на депресија и осаменост. Поврзаноста на Инстаграм со влошеното ментално здравје е особено внимателно документирана, до тој степен што апликацијата тестира драматичен чекор - укинување на лајкови, за што инфлуенсерите веќе почнаа да паничат.

Сепак, не е сè така црно. Јасно е дека младите се склони кон осаменост - се работи за период во кој надворешните фактори како отселувањето од дома, напредувањето во кариерата и одлуката да се прибереш со партнер го прават спријателувањето потешко - а истовремено е јасно и дека не сме се откажале од склопување нови пријателства.

Плус, многумина од нас успеваат да си ги задржат другарите од детството. Шест од десет Американци кои учествувале во истражувањето, рекле дека се сè уште блиски со барем едно другарче од школо, а 34 проценти уште се дружат со луѓе што ги сретнале на факултет.

Сепак, има една доза на алармантност, а и знак дека можеби е време да се одлогираме и малку да видиме што се случува во реалноста.

6 август 2019 - 02:49