Хорори што доаѓаат во 2021

2021 ќе биде фина година за хорор-жанрот и добра вест за фановите е што имаат што да чекаат. Доаѓа Candyman на Џордан Пил, па Last Night in Soho, па продолженија на Halloween и Conjuring

The Banishing
Режисерот Кристофер Смит, со враќањето на жанрот преку Creep (2004) заработи култен статус, и сега доаѓа со нов филм за најопседната куќа во Британија. Во главна улога е Џесика Браун Финдли, а приказната е за еден пар што по проверена хорор формула ќе се всели во куќата со нивната ќерка во ’30-те и се разбира, ќе се вплетка во тајните „што лежат во нејзините лавиринтски ходници“. Сѐ ќе има - језиви британски дечиња, кукли без очи, крцкање во сред ноќ, од господ заборавени свештени лица… За стриминг ќе биде достапен од 15 април, а за балкански стриминг (bananas) веројатно брзо после тоа.

The Power
Рударските штрајкови во 1974 во Британија предизвикаа рестрикции за струја низ цел остров и тридневна работна недела што ја раскринка конзервативната влада. Дејствието е токму овој период, со приказна за млада, тазе-квалификувана медицинска сестра што работи во болница во распаѓање и принудена е да работи ноќна смена без струја, па како што налага жанрот ќе открие злокобни сили во црниот мрак. Доаѓа на 8 април.

There’s Someone Inside Your House
Нов тинејџерски хорор со приказна што се наоѓа некаде меѓу Ноќ на вештерките и Знам што направи минатото лето. Овој пат е режисерот на Creep од 2014, Патрик Брајс - група студенти од едно средно во Небраска ги измачува сериски убиец решен да им ги разоткрие тајните (притоа убивајќи ги со маска направена според нивните лица). Ќе дојде на Нетфликс во некоја од наредниве недели.

Deadhouse Dark
Антологиска серија со жена која добива кутии од мистериозен испраќач. Секој од пакетите ја носи на вознемирувачко патување на кое открива шокантни вистини и мрачни тајни од модерниот свет. Серијата ќе се бави со современи прашања како култура на набљудување, слава на социјални мрежи и цена на инстант-гратификација. Доаѓаат на 29 април.

In Search of Darkness: Part II
Овој документарец ќе ги прошета носталгичарите низ крвиштата и цревата на сите култни класици од ’80-те, а ќе продолжи по првиот дел кој го истражуваше наследството на хорор жанрот. Овој пат ќе се бави со класичните хорор-тропи и нивното влијание. Ќе има интервјуа со режисери, глумци и мајстори за специјални ефекти - меѓу нив и Роберт Ингланд (Фреди лично) и Касандра Питерсон (Елвира, Господарка на темнината). Од 26 април.

Creepshow (2-ра сезона)
Во ист стил како филмот и неговото продолжение со истото име од ’80-те, оваа антологиска серија ќе ги оживее језивите детали од крвавиот стрип и неговиот наратор The Creep, леш во распаѓање со мерак и талент за раскажување. Секоја епизода ќе се базира на раскази од великани - Стивен Кинг, Џо Хил и други. Стриминг од 1 април.

24 март 2021 - 15:20