Генерацијата З се плаши од канцеларии, Генерацијата Икс од ирелевантност

Во современата работна култура, двете генерации сосема различно ја доживуваат својата улога. Едните, З - родени од 1997 до 2012 и другите - Икс, родени од 1965–1980, го гледаат светот на работа низ различни перспективи и на двете генерации им е страв - само на различни начини.

З се плашат од рутината и ограничувањата на канцеларијата, а Икс се плашат дека ќе стане небитни во свет кој брзо се менува.

З е прва генерација порасната со дигитални технологии од најрана возраст. Информациите се достапни веднаш, а креативноста, флексибилноста и автономијата се високо ценети. Класичната канцелариска средина за нив често изгледа како ригидна, монотона и непријателска за личниот развој. За многумина, работата од 9 до 5 е симбол на губење време и енергија, што создава страв од заробеност во систем кој не ги инспирира.

Икс, од друга страна, го гледа професионалниот свет низ друга призма. Тие се наоѓаат во период на живот каде што треба да одржат значење и релевантност во својата кариера. Технологијата, дигиталната трансформација и појавата на новите генерации создаваат чувство на притисок дека старите вештини стануваат и застарени и овој страв од губење на важноста и статусот ги прави внимателни, аналитични и понекогаш конзервативни во своите избори.

Иако и З и Икс имаат различни причини за страв, и двете генерации бараат смисла, признание и автономија. Првите сакаат работа која ги инспирира и овозможува личен развој, додека вторите бараат стабилност, вредност и континуитет на својата експертиза. Овој судир на перспективи ја отсликува трансформацијата на работниот свет, кој сега бара адаптивност, креативност и способност за континуирано учење.

Социјалните медиуми и дигиталната култура дополнително ја истакнуваат оваа динамика. З го користи интернетот и платформите за работа на далечина, со цел да создаде чувство на контрола и независност. Икс пак, мора да се прилагоди на нови методи и алатки за да остане релевантен и конкурентен. Ова создава генерациска тензија, но истовремено и можност за учење и трансформација.

Заклучокот е дека стравот е различен, но заеднички: едната генерација се плаши да не се изгуби во рутината, другата се плаши да не стане невидлива. Како може светот да се развива имајќи ги предвид ст(р)авовите на овие две многу важни генерации? Да создаде услови каде што би можеле заеднички да функционираат. Барем на работните места.

18 декември 2025 - 09:45