
Технологијата секој ден има нешто ново, секојдневната комуникција e главно сведена на екрани и сè повеќе млади од Генерацијата З чувствуваат носталгија за период што никогаш не го доживеале. Популарноста на серијата Love Story е само еден од најочигледните примери за овој феномен.
Сместена е во Њујорк во 1990-тите, и прикажува свет во кој романтичните средби се одвиваат без пораки, известувања и постојана дигитална проверка. Еден од најзабележливите моменти е првиот состанок меѓу Џон Ф. Кенеди Помладиот и Керолин Бесет, што како сцена денес изгледа речиси нереално. Наместо серија пораки и координации, доцнењето се решава со едноставно објаснување лице в лице и во контекст на денешните милион прашања што се вртат околу „дали ме игнорира“, ваквиот пристап е како друга епоха.
Иако многумина од генерацијата З не ги паметат 90-тите, ги доживуваат како идеализирана верзија на реалноста - за нив е тоа период со повеќе спонтаност, помалку анксиозност и поедноставни социјални правила. Според истражувањата на психологот Клеј Рутлеџ, носталгијата не мора да биде врзана за лично искуство - може да се гради и преку културни референци како филмови, серии, книги или приказни од постарите генерации. Токму затоа и содржини како „Пријатели“ продолжуваат да привлекуваат млада публика.

Овој тренд не е ни случајност, бидејќи живееме со постојана економска несигурност, сè поголеми трошоци и зголемена зависност од технологија. Носталгијата функционира како механизам за утеха бидејќи нуди чувство на стабилност и контрола што често недостасува во сегашноста. Аналогниот живот од 90-тите, со фотоапарати наместо смартфони и средби без претходна дигитална координација, станува симбол на поавтентични односи.
Фасцинацијата не завршува само на екранот - се прелева и во потрошувачките навики. Модни детали, како едноставните ленти за коса инспирирани од ликовите во серијата, стануваат начин за припадност кон одредена естетика и културен момент. Паралелно, се појавува и друг тренд: повлекување од дигиталниот свет. Дел од младите свесно избираат помалку социјални интеракции, рано легнување или избегнување на настани во име на „заштита на сопствениот мир“. Сепак, овде некаде се појавува и парадоксот: желбата за создавање заедница не може да се оствари без одредено вложување и излегување од комфорната зона.
Патем, оваа носталгија во ниеден случај не подразбира отфрлање на технологијата - напротив. Генерацијата З не се стреми кон враќање во минатото, туку кон ребалансирање на сегашноста, и тоа на еден освежително умен начин - сè почесто се забележува интерес за „аналогни“ активности - физички хобија, настани без телефони и директна комуникација. Наместо технологијата да исчезне, идејата е таа да се повлече во позадина.
Во таа смисла, носталгијата за ‘90-тите не е само бегство од реалноста, туку и индикатор за тоа каква иднина посакува новата генерација.
Помалку екрани, повеќе присуство.
Помалку алгоритми, повеќе човечки односи.
Не да се враќаме назад - би било глупо. Ама, да одиме напред со свесна намера за едноставност звучи баш пријатно.