Не сме исти и не е страшно:

Феминистките забораваат дека и науката е аргумент

Во борбата за еднакви права, тешкото е да се признае дека без разлика што мажите и жените заслужуваат еднакви можности - не значи дека ќе ги искористат. И уште една работа за соочување: не сме исти. Значи ли тоа дека биологијата и еволуцијата се мизогинистички науки и треба да се плукаат на Твитер? Ха.

Во 1949-та, Симон де Бовоар објави една елегантна книга која го разбранува светот со популарното тврдење дека не се раѓаш како жена, туку стануваш жена. Од тогаш па наваму, повеќе гранки на феминизмот се фатија за тоа како разликите меѓу мажите и жените се должат исклучиво на социјализација, наместо на она што го имаме во телото и мозокот. До одреден степен, овие аргументи имаат смисла, сепак, историски и географски, културите покажуваат една шарена разноликост во улогите кои мажите и жените ги играат во општеството. Со оглед на тоа што првите феминистки морале да трпат, не е ни тешко да се сфати зошто некои се мотивирани да расправаат дека полот е социјална конструкција. Тврдењата за природни разлики меѓу половите се користат одново и одново за потпалување на малограѓански стереотипи, исти такви како оние што ги држеа жените без право на глас до 1920-та. Иако разликите не значат супериорност за кој и да е пол, токму така се интерпретираат, што може да претставува кочница за оние кои работат за женските права.

Но, феминистките кои ги градат своите аргументи за еднаквост на тврдењата дека разликите се непостоечки или едноставно за игнорирање, редовно се врзуваат во реторички чвор кога ги бранат нивните ставови кои секако немаат многу смисла. Доктрината на биолошката еднаквост на мажите и жените стана толку света, што денес да ја поткопуваш значи инстант обвинување дека си мизогинист или дека си анти-различност, како што покажуваат и недамнешните контроверзи. Заради неговото размислување за можноста „природните полови разлики да се делумно причина за тоа што нема доволно жени во одредени индустрии”, претседателот на универзитетот Харвард, Лери Самерс, го изгуби работното место. Минатата година, по пораката каде што внимателно ја опишуваше науката на половите разлики, Џејмс Дамор го отпуштија од Гугл и го направија партал во разулавените медиуми.

Но разлики меѓу половите се забележуваат во илјадници научни студии и нивното постоење воопшто не е контроверзно меѓу биолозите и психолозите

Луѓето се размножуваат полово, па неизбежно е дека природната селекција вршела одреден притисок на мажите и жените. Самиот факт дека жените ги носат децата, поминувајќи девет биолошки-интензивни месеци на бременост значи дека незадолжителна врска со потомството не е опција. Тоа значи и дека има горна граница на тоа колку деца една жена може да роди во животот. Од друга страна, мажите немаат горна граница. Успешен маж - или промискуитетен - може да оплоди стотици жени и да има многу поголемо потомство. Мажите подраматично варираат во нивниот репродуктивен успех, што се рефлектира на малку познатиот факт дека имаме двојно повеќе женски предци отколку машки. Од друга страна, мажите од кои потекнуваме, биле соочени со свет каде што тие се репродуктивно инфериорни - ако фрлаш паричка, многу почесто ќе се падне мажот да не создаде потомство отколку да се случи тоа. Затоа, мажите морале да бидат исклучителни за да добијат шанса - природата бирала мажи кои се истакнуваат. Низ еволуцијата, жените не биле способни драстично да го изменат нивниот репродуктивен успех, освен можеби да обезбедат поатрактивен партнер, додека за мажите тоа значело разлика меѓу немање деца и имање стотици деца.

Ваквата историја нè пренесува во еден интересен феномен забележлив во современата човечка популација - поголема машка варијабилност. Жените и мажите во просек се речиси еквивалентни во интелигенција и способност, но ако ги загледате крајностите на спектарот, полесно ќе најдете мажи отколку жени. Не значи дека варијабилноста им дава на мажите незаслужена еволутивна предност; варијабилноста ја има на двата краја, ставајќи повеќе мажи отколку жени и на највисоки позиции, но и во затвор. Како што кажува социјалниот психолог Рој Баумајстер, „Супер-генијалноста и ретардацијата се најчесто во машко друштво, иако се појавуваат и неколку исклучителни девојчиња. Нешто во биологијата на машкоста произведува повеќе случаи и во двете крајности.”

Кога зборуваме за тоа што ги привлекува мажите и жените, разликите се уште поизразени. Најочигледниот пример е примарната сексуална ориентација која е во тесна врска со полот. Во другите полиња на човечкиот интерес, научниците постојано мерат интригантни разлики во склоностите. Овие два фактори - машката варијабилност и просечните разлики во интереси - се аспекти на нашето еволутивно наследство кои се клучни за оваа полова сложувалка да има смисла. Свесното разбирање на светот бара да вклучиме сè што знаеме, вклучувајќи ги и социјалните и биолошките фактори кои нè оформуваат.

Повикувањето на еволуцијата никако не ни ги одредува судбините, туку едноставно признава од каде доаѓаме, што е доста мудра појдовна точка. За среќа, повеќе не живееме според замислата на еволуцијата. Во нашата позиција како луѓе, историски полна со аномалии, веќе можеме да бираме дали сакаме да вложиме енергија во раѓање деца и можеме да избереме од еден широк дијапазон на економски активности и полово изразување.

Како феминистки си пукаме во нога со аргументите за полова еднаквост кои се држат на лажната идеја дека половите мораат да бидат исти за да бидат еднакви. Односно, од денешен аспект, плус да избегнеме непотребни расправи - феминистите мораат да ги базираат нивните ставови на науката.

Половите разлики всушност обезбедуваат аргументи за повеќе жени во техничката индустрија, каде што мажите сè уште држат 70 проценти од работните места, на пример.

Во едно истражување на Корнел во 2012-та, откриено е дека меѓу математичките генијалци, жените имаат поголема вербална способност од мажите. Односно, ако барате математички ѕвер кој истовремено изнесува елоквентни аргументи - комбинација која особено одговара за кариера во горните ешалони на техничката индустрија - попаметно ви е да изберете жена.

Другите аргументи за жените во оваа констелација се поприродни. Техничката индустрија создава производи и за мажи и за жени; кога ќе прифатиме дека мажите и жените се различни, ќе дојдеме до тоа дека во тимовите за развој на паметни производи се потребни и жени за производите да бидат најдобри што може. Кај големите компании, откриено е дека менаџерите кои се жени заработуваат повеќе и постојат докази дека мешан тим има подобри резултати од тим каде што има повеќе едно од друго.

Техничката индустрија историски не ја бива за привлекување на женски таленти. Има култивирано „братска” култура која може да делува непривлечно за способни жени кои имаат опции и во други индустрии, предизвикувајќи самите да се извадат од техничкиот пазар на труд. Жените имаат и потешкотии да обезбедат капитал за својот бизнис, без разлика на фактот што стартапите со барем едно женско меѓу основачите работат подобро од оние кои имаат само машки.

Истовремено, не смееме да скокнеме во претпоставка дека во совршено еднаков свет, мажите и жените во еднакви бројки би се придвижиле на секое ниво, во секоја професија. Изненадувачки е што во општества со повисоко ниво на полова еднаквост, одредени професии се најчесто машки, а други женски. Во таквите земји, полот не влијае на нееднаквоста, туку влијаат личните склоности. Затоа, иако е грешка да расправаме дека се природни половите разлики во техничката индустрија, не е паметно ни да инсистираме на 50:50 претставување на половите на секое работно место. Треба да ги отстраниме бариерите, а не да инсистираме на магичен сооднос.

Феминистичкиот проект е излитен до степен на ненаучен обид да се сокријат половите разлики под тепих, и погрешно сме се упатиле кон цел за еднаква репрезентација во одредени атрактивни професии. Во моментот кога ќе се тргнеме од овие бесцелни инсистирања, конечно ќе можеме да се посветиме на поважни прашања.

*На слична тема, со одлични аргументи - Џордан Питерсон.

6 март 2018 - 11:57