Фарми за бебиња: Викторијанска хорор приказна

Дури и најзаштитените меѓу нас слушнале страшни приказни за институциите за деца без родители, но пред да почне владата да ги штити, имало сиропиталишта. А пред нив, имало - фарми за бебиња

„Baby farming“ е термин скован за време на Викторијанската ера за да се опише праксата на земање под закрила несакани деца, или деца чии родители не можеле да се грижат за нив, за мал надомест. Во основа, фармата за бебиња била профитабилен дом за деца без родители и најраспространети биле во урбаните делови на викторијанска Англија, но ги имало и во Северна Америка и Океанија.

Во тоа време, најраширена форма на контрацепција бил абортусот, за работничката класа на жени кои не биле кадарни да се грижат за дете. Помалку опасна била алтернативата да се предаде новороденчето или да се даде на чување на фарми за бебиња со плаќање неделен трошок. Повеќето жени кои го бирале второво, претпоставувале дека нивното дете ќе добие соодветна грижа и дека ќе добие доилка, внимание, простор и храна во најмала рака. Сепак, како што и често спомнува Џејн Остин, побогатите жени секако ги оставале своите новороденчиња со доилки. Фиктивниот лик Гренуј од Парфем, како и Оливер Твист исто така живееја на фарми за бебиња.

Во 1834, Законот за сиромаштија им овозможил на сиромашните немажени мајки да добиваат храна, пари или облека од црквата само ако оделе да живеат во работна куќа. И поради ужасните услови во таквите работни куќи, многу жени се одлучувале да ги остават децата на друго место за да продолжат да работат и да заработуваат.

Едно од најчестите вработувања за младите жени било во домашна послуга, но слугите обично живееле во домовите на нивните господари и за деца немало место. Платите што ги добивале сепак им дозволувале да праќаат пари на други жени што се грижеле за нивните бебиња и многу од овие самопрогласени доилки или старателки не се ни сметале себеси за фармери со бебиња.

Во теорија, системот функционирал: 24-часовна градинка за мајки што работат. Идеално, бебето би било блиску до каде што работела мајката за често да го посетува. Во реалноста, многу малку бебиња што биле предадени на фарма за бебиња преживувале.

Такви трагедии се случувале кога згрижувачите - главно жени - почнувале да го експлоатираат бизнис моделот. Како модус операнди, негувателките прифаќале многу повеќе деца отколку што можеле да згрижат за да го зголемат приходот. А најмногу им се исплатело да примат повеќе деца, а да заштедат на трошоците за адекватна грижа за нив. Во врвот на индустријализацијата и урбанизацијата, фармите активно објавувале огласи за згрижување или посвојување. Главно биле сместени во центарот на градовите, и биле ужасно нездрави места за деца. Умирале за кратко време од болести, неухранетост, негрижа и злоупотреба. Условите станале толку мрачни, што дури и негувателките да имале добра намера, децата немале добри шанси да преживеат. Повеќето ги носеле штом мајката ќе станела од кревет и млекото го заменувале со ужасна исхрана.

Иако некои негувателки барале плаќање на неделно ниво, некои условувале со плаќање однапред. Според Ultimate History Project,

„Таквите мали и одеднаш исплатени суми не можеле да ја покријат долгорочната грижа за детето, па опасностите од таквиот аранжман се очигледни. Но младите жени со вонбрачно дете често биле очајни да го остават детето и да се вратат на работа.“

Тука доаѓаме до проблемот - пари се добивале однапред, а новороденчињата умирале брзо, па беби-фармерите сфатиле дека можат да заработат повеќе ако бебето или детето што ќе го земат умре побрзо, оставајќи место уште ранливи деца да дојдат и постојано да течат пари. Оваа пракса наскоро доведува до една од најмрачните страници во поновата историја.

Еден од најплодните сериски убијци на светот е беби-фармер. Амелија Дајер била вдовица и обучена медицинска сестра и отпрвин се грижела за децата како што треба. Голем број сепак умреле под нејзина грижа, што довело до осудување за негрижа и шест месеци напорна физичка работа. Проценето е дека убила 400 бебиња и деца додека работела со нејзината фарма за бебиња; ги давела и ги фрлала телата. Едно од бебињата го нашле во Темза. Ја осудиле за убиството и ја обесиле.

Но Амелија Дајер тешко дека била единствениот убиец произлезен од овој концепт. Маргарет Вотерс исто така ги фрлала децата за кои требала да се грижи, но сфатила дека е многу полесно да ги дрогира бебињата со опијати, што им го намалувало апетитот па полека изгладнувале - за на крај да ги фрли на улица завиткани во кафеава хартија, нешто што неретко можело да се види во тоа време поради високите цени на погребите. Пет бебиња умреле под нејзина грижа, но сомнежот е дека убила 19. По некое време е уапсена, судена и обесена за убиството на Џон Волтер Кауен, вонбрачниот син на 16-годишната Џенет Теси Кауен. Криминалите на Вотерс довеле до Законот за заштита на новороденчиња донесен во 1872.

Пребарувањето baby farms многу брзо вади резултати за жени-сериски убијци. Се спомнува на пример бабицата Амелија Сак, која помагала жените да се породат и им кажувала дека бебињата ќе им ги вдоми кај богати парови во замена за пари. Кога ќе ги земеле, Сак и нејзината вработена Ени Волтерс ги труеле децата со хлородин и ги фрлале во депонии или во Темза.

Сопственикот на станот каде што живеела Сак бил полицаец кој почнал да се сомнева кога сфатил дека бебињата што Сак ги носи дома многу брзо исчезнуваат. Кога ја уапсиле Ени, држела една од жртвите. Заедно со Амелија биле обвинети за убиство и егзекутирани со бесење.

Во Нов Зеланд, Мини Дин, единствената жена што е погубена во историјата на Нов Зеланд, била фармер со бебиња. Во Скандинавија, ваквите убијци на деца имале и име: änglamakerska, што буквално значи создавач на ангели. Човек може да помисли, или барем да се надева дека оваа пракса избледела со новите закони за заштита на деца, и навистина се проретчило но не исчезнало. Во 1930, во Нова Скотиа го има случајот на Вилијам и Лајла Јанг и бебињата Батербокс. Тие отвориле засолниште за немажени мајки и го нарекле „Идеален мајчин дом“.

Како што се опишува во книгата на Бет Л. Каил, Butterbox Babies, „во рок од две недели детето умирало и било погребувано во бела борова кутија за путер наместо ковчег. Нивните телца биле закопувани или на имотот на домот за мајки, или во поле блиску до гробиштата, или фрлани во море, или палени во домашната печка.

И овој ужасен термин - фарма за бебиња - во денешно време се користи за слично мрачен, но поинаков бизнис модел. Порано познато како „жнеење деца“, се однесува на систематската продажба на деца, обично за посвојување во развиениот свет, каде што парови без деца се стигматизирани, но понекогаш и од други причини, меѓу кои и експлоатација и трговија со робови. Фарми за бебиња се откриени во Индија, Нигерија, Гватемала, Тајланд и Египет. Save the Children води неколку кампањи за борба со трговијата со деца преку превенција, заштита и гонење, работа со заедниците, локални организации и граѓански општества, како и со владите - за да ги заштити децата од експлоатација и за враќање на достоинството на децата кои преживеале.

2 септември 2021 - 00:00