Велика Британија, Германија, Шпанија и други земји (можеби и ние?!) треба да усвојат четиридневна работна недела за да им помогнат на своите економии да се опорават од пандемијата, според една група левичари и претставници на синдикати ширум Европа.
Овие услови ќе помогнат да се санира поморот што го остава пандемијата зад себе - вака му пишуваат и на Борис Џонсон, на Ангела Меркел, на шпанскиот премиер Педро Санчез и на другите лидери. Во писмото се истакнува долгата историја на работници кои се согласни да работат пократко за да си ги спасат работните места, но и за „можноста“ одново да се размисли за распоредот на работа и да се намали трошењето на енергија и со тоа да се покрива и проблемот со климатската криза.
„Историски гледано, пократки работни часови се користат како мерка за време на криза и економска рецесија, како начин работата еднакво да се сподели меѓу преработените и невработените,“ пишува во писмото. „За напредување на цивилизацијата и општеството, сега е момент да се искористи шансата и да се придвижиме кон пократки работни часови без да се намалува платата.“
Меѓу бенефитите влегуваат и зголемена продуктивност и подобрено ментално здравје кај работниците.
Оние кои се залагаат за новото работно време истакнуваат дека просечниот број на работни часови не е значително намален уште од ’80-те, и покрај развојот на технологиите кои штедат на труд како персонални компјутери, што во теорија би требало да ослободат повеќе време.
Со пандемијата, четиричасовната работна недела се приближува кон секојдневие и Џо Рајл, кој е претставник на ова движење во Велика Британија, заклучува дека „останува на бизнис-лидерите, владите и синдикатите да се здружат и да ја реализираат.“