Мојот абортус навистина имаше мирис. Мирисаше на убавиот парфем кој љубезната, мила и способна медицинска сестра го имаше на себе, додека ме држеше за рака за време на седум-минутниот хируршки абортус. Само што имав завршено колеџ и бев седум недели трудна. Не бев исплашена, немав ни баш трема, но кога сестрата се понуди да стои до мене и ми ја стави раката во нејзината, убаво го запаметив цветниот мирис што личеше на миризливите свеќи што мојот прв гинеколог ги палеше во својата ординација.
Мирисаше и на малата чашка со сок од јаболко што ја добив заедно со крекери кога ми заврши абортусот. Беше прв „оброк“ што можев да го јадам и да не го повратам во тие седум недели. Додека го голтав ладниот сок и бутав крекери, почнав повторно да се чувствувам како своја, прв пат откако го држев позитивниот тест за бременост во рака.
Мојот абортус мирисаше на новата гарсоњера каде што се вселив неколку недели подоцна, откако раскинавме со тогашниот дечко. Кога дознав дека сум бремена, бевме заедно една година. Ни тој не сакаше да биде родител, и како и јас знаеше дека нашата токсична врска не беше доволно стабилна за допрва да стануваме родители. Абортусот ни дозволи секој да си тргне по свој пат, неоптеретен од врска што беше сѐ само не здрава. Сега тој е татко. Мојот абортус му даде шанса да ужива во родителството кога стана биде подготвен за тоа.
Мирисаше на ребрата на скара и чашата виски што ми ја нарача дечкото со кој бев договорена на состанок на слепо, додека ме чекаше да се појавам. Доцнев 20 минути, како и обично, а тој симпатично ме зезаше за способноста да бидам точна. Сега ми е партнер веќе седум години и е татко на моите деца. Сѐ уште ме зеза кога доцнам на преглед за нашите двајца синови на педијатар.
Мириса на Њујорк Тајмс-от што го купив и прочитав еден од многуте наслови што следеа, со моето име потпишано под нив. Како дете што порасна во Аљаска, сонував да живеам во Њујорк Сити и да пишувам за тој весник. Да се преселам толку далеку, да најдам работа како писател и уредник и да си го остварам тој сон немаше да можам ако имав дете како сиромашна, нездрава 23-годишна девојка.
Но, најмногу, ако воопшто абортусот има мирис, мене ми мириса на главите на моите синчиња кога ги гушнав и ги бакнав за прв пат - две совршени момчиња што никогаш немаше да ги имам, и немаше да им бидам адекватен родител, да не беше мојот абортус.
Мириса на економска стабилност, на здрава врска, на кариера, на остварени соништа и постигнати цели и способноста да си го одржам менталното и физичкото здравје.
Мириса на избор. На човечко право.
На слобода.