Бидете пофини со жените од Генерација X - јаки се, а не им е лесно

Постои генерација жени која, барем на хартија, требаше да има сè. Родени помеѓу бумерите и миленијалците, жените од генерацијата X пораснаа со вработени мајки како модел, со пристап до бесплатно образование и со нови слободи што претходните генерации само ги навестуваа. Денес, логиката би наложила тие да бидат на врвот - во кариера, во влијание и во стабилност. Но под површината, податоците покажуваат нешто друго.

Истражување на Британската асоцијација за советување и психотерапија покажува дека речиси две третини од жените над 50 години се соочуваат со проблеми со менталното здравје. Ги мачат анксиозност, несоница, тага, но и хормонални промени поврзани со менопауза, а загрижувачки е што девет од десет жени не побарале никаква помош.

Таква им е генерацијата.

Не може ни да се сведе само на биологија. Овој животен период често носи серија на паралелни притисоци: грижа за стари родители, финансиска несигурност, промени во кариерата, разводи или нови почетоци, како и поддршка на возрасни деца кои сè уште зависат од семејството. Дури и кај оние без деца, губењето на родителите, осаменоста или потребата за нова животна насока носат сопствени предизвици.

Проблемот дополнително се комплицира од начинот на кој системот ги чита овие симптоми. Истражувањата покажуваат дека хормоналните промени често  погрешно се интерпретираат како чисто психолошки проблеми - депресија или стрес - наместо како физиолошки процеси. Недоволното внимание на менопаузата во медицинската едукација и претпазливоста околу хормонската терапија значат дека многу жени остануваат без соодветен третман.

А последиците не се занемарливи - податоците покажуваат дека кај жени во перименопауза и менопауза, дури една од шест има мисли за самоубиство кои често остануваат непрепознаени и нетретирани. Во исто време, стапката на самоубиства кај жени достигнува врв токму во периодот од 45 до 54 години. Но покрај здравствените фактори, постои и културен слој што ја влошува ситуацијата, бидејќи општеството упорно ги вреднува жените преку младоста и плодноста. По менопаузата, тие често стануваат „невидливи“ - а не исчезнале, туку не се вклопуваат во доминантните наративи за вредност и успех. Истовремено, рекламите нудат нереални и хомогенизирани слики за стареењето, создавајќи дополнителен притисок.

До 50-тата година, разликите во приходи, здравје и можности се акумулираат, па и нееднаквоста игра голема улога. Некои жени влегуваат во оваа фаза со финансиска сигурност, други со несигурна работа или без заштеда. Искуството на стареење не е универзално туку длабоко зависно од животниот тек.

Сепак, наративот не е исклучиво мрачен. Дел од експертите укажуваат дека ова не е класична „криза на средни години“, туку момент на пресметка - период во кој многу жени повторно го дефинираат својот идентитет. По турбулентниот премин, многумина пријавуваат поголема сигурност во себе и појасно чувство за тоа што сакаат.

Веројатно тука и лежи парадоксот на генерацијата X: требаше да имаат сѐ, но наместо тоа се соочуваат со една слоевита реалност. А не треба на тоа да се гледа како неуспех, туку како доказ дека напредокот не ги елиминира притисоците, туку само им ја менува формата.

7 април 2026 - 10:56