Алма Малер: Композиторка, љубовница, муза, секс-кукла и лажга

Алма Малер не била обична жена: првиот бакнеж ѝ бил со Густав Климт, водела дневници за животот во Виена како Анаис Нин за Париз (со уште повеќе лажење) и толку го излудела љубовникот што побарал да му се изработи секс-кукла што ќе личи на нејзе кога ја прекинала аферата.

Сепак, останува врвен култиватор на митолошка икона и куратор на лаги, збунувајќи музиколози со „Проблемот Алма“ како непостојан наратор на животот на нејзиниот познат сопруг-композитор, Густав Малер.

Не била само муза - компонирала и пишувала. Уште од рана возраст, уметностите се измешале во нејзиниот живот - нејзиниот татко, Емил Јакоб Шинлер станал еден од најценетите пејсажни уметници во Хапсбуршката империја. Поминувала часови со татко ѝ во неговото атеље, додека мајка ѝ продолжувала со неговите колеги и студенти. Кога умрел Емил Јакоб Шиндлер, мајка ѝ се премажила за Карл Мол, а Алма ја внела во светот на виенската авангарда само што влегла во пубертет.

Со убавината оставала впечаток кај уметниците кои често им доаѓале во семејниот дом, меѓу нив најзвучен - Густав Климт. Седумнаесетгодишната Алма се затрескала во него, но и тој се опседнал, па го следел и семејството дури до Италија. Флертувањето им станало поинтензивно - тајно се среќавале и Климт ѝ бил прв бакнеж на Алма. Брзо се прекинало кога дознал очувот за скандалозната врска, неповратно се оштетило неговото пријателство со Климт, а целата „афера“ останала само на една летна романса.

Алма наскоро ја открива моќта на сопствената убавина, и тоа во комбинација со ничевски морал - „Ако некој падне, ќе биде и бутнат!“ Зад себе остава еден куп скршени уметници и анти-семитистички идеи (иако двајца нејзини сопрузи и некои љубовници биле Евреи). По Климт, открива љубов кон музиката, па после афера со учителот по музика, го среќава и сопругот, Малер, по кој најмногу и ја паметат.

На Малер му било љубов на прв поглед и ја запросил за една недела. Семејството се бунело - таа 19-годишна, тој од еврејско потекло - но имало и уште еден неочекуван проблем: Малер сакал Алма да престане да компонира.

„Како замислуваш маж и жена - композитори?“ ѝ пишува тој во едно писмо. „Сфаќаш ли колку блесаво, а потоа и идиосинкратично ривалство ќе нè влече надолу и двајцата?“

Алма во својот дневник пишува:

„Мојата уметност не ја цени воопшто, а многу ја цени својата - а јас не ја ценам неговата, а ја ценам мојата. Таква е работата! Сега постојано зборува за зачувување на неговата уметност. Не можам да го правам тоа.“

И покрај креативните разлики, се свршуваат неколку дена подоцна, а се земаат следната пролет.

Од тој момент почнуваат лагите.

Не била само разликата во години тоа што ги правело чудна двојка, туку фактот што, додека Густав бил интроверт, неговата млада сопруга била жива, убава и дружељубива. Го надживеала за цели 50 години и станала главен авторитет во животот на композиторот. Академци го земале нејзиното сведоштво за нејзиниот сопруг и неговите дела како парче музичка историја, додека не почнале да се појавуваат нејаснотии и не сфатиле дека сведоштвата на Алма се фалични и хаотични од намерната непостојана нарација во која се претставувала и себе и Малер во лажно, манипулативно светло. Со децении, основата за било каква критичка литература за Малер што ги користела сведоштвата на Алма го заработувала насловот „Проблемот Алма“.

Фабрикувала историја со тоа што спојувала одвоени писма, ги менувала пред објавување, се ставала себеси во центарот и во најпозитивно светло, како несебична, немоќна жртва на суровоста на нејзиниот сопруг. Бришела референци од неговите љубензни гестови, елиминирала докази дека ѝ носел подароци. Бришела и луѓе што не ги сакала од неговата кореспонденција и не само што создала цела мрежа од лаги, туку почнала и афера со архитектот Волтер Гропиус, кој подоцна ќе стане клучна фигура во Баухаус движењето.

Некаде меѓу сите тие настани, успева и да се залечи односот меѓу Алма и Густав и тоа благодарение на брачен советник.

Не било кој.

Фројд.

Ново не кажал, туку класика - дека си се потсетуваат на родителите.

Гропиус се оженил за Алма по смртта на Малер, но само откако ја завршила бурната веска со Оскар Кокошка - токму човекот што од Минхен нарачал кукла што морала до детаљ да личи на неа, од што го излудела. Ја користел куклата за да ги извади своите фрустрации преку уметност, сликал преку неа одново и одново, додека не решил да организира декадентна забава каде што куклата била почесен гостин. Ја обезглавил и скршил шише црвено вино преку главата, и конечно нашол начин да го надмине раскинувањето.

Алма Малер е чудна историска фигура, но лесно е или да се сведе на мажите во нејзиниот живот, или да се фали како независна жена која ја бранувала својата заедница со нејзините забави. Постепено, нејзините композиции повторно се изведуваат, и луѓето ја препознаваат како уметник. Лесно е да се почне и со идолизирање, но суровоста, анти-семитизмот и лагите откриваат мрачна страна на нејзиниот карактер. Веројатно најбезбедно е да се гледа како умно парче жива фикција.

21 септември 2022 - 00:01