Социјалната работничка Лесли Броф која зборува на темава со PureWow има повеќе од десет години искуство во работа со лица со анксиозност, депресија и пост-трауматски стрес, и објаснува што претставува овој феномен и како може да се надмине.
Што е научена беспомошност?
„Научената беспомошност произлегува од повторливи искуства на неуспех или траума, каде што ништо што сте пробале не донело промена,“ вели Броф. „Човекот почнува да верува дека нема никаква контрола врз сопствениот живот, иако реално постојат можности за промена.“
Во секојдневието тоа може да изгледа како:
- лесно откажување од предизвици,
- молчење во ситуации каде што треба да се зборува,
- уверување дека обидите никогаш нема да дадат резултат.
Ова често се изразува со мисли како: „Зошто да се трудам?“, „Пробав, ама не успеа“, „Ништо нема да се смени.“
Кога траумата е долготрајна или изгледа како безизлезна, нервниот систем се адаптира така што „се предава“ - за да преживее. Кај жртви на семејно насилство, злоупотреба или хронична неправда, ова чувство може да се вгради уште од најраното детство.
„Научената беспомошност е начин на телото да каже: преживеј сега, лекувај се подоцна,“ објаснува Броф. Проблемот е што овој заштитен механизам останува и тогаш кога реалната закана повеќе не постои, што го отежнува личниот раст и поврзувањето со другите.
Како да препознаете дека се работи за вас?
Секој може да има тежок месец или година, но научената беспомошност е шема што се повторува. Доколку постојано мислите дека ништо што правите нема да промени нешто - без разлика дали станува збор за работа, врски или лични цели - тоа е јасен знак. Може да се манифестира преку изолирање, избегнување нови можности или негативни претпоставки уште пред да се направи обид.
Како изгледа процесот на лекување?
За ослободувањеод научената беспомошност нема магичен прекидач. Според Броф, терапијата комбинира труд и околу мислите и околу однесувањето. Се анализираат внатрешните уверувања и се тестираат со мали, остварливи чекори.
Клучен фактор во овој процес се и сигурните односи. „Безбедните врски му помагаат на човекот повторно да ја види својата вредност и капацитет,“ вели таа. Тоа може да биде терапевт, пријател, група за поддршка или дури предмет што создава чувство на сигурност - како специјално дизајнирани „терапевтски мечиња“ кои помагаат во смирување на телото.
Научената беспомошност е одговор на траума, а не лична слабост. Со правилна поддршка и постепени чекори, можно е да се надмине и да се изгради чувство на контрола и сила во сопствениот живот.