Рекламата на Жилет:

Дали мажот е најдобар што може да биде?

Новата, трогателна реклама на Жилет за опасностите од „токсичната машкост” и затоа колку е важно да поставиш добар пример за малите машки деца го растури интернетот.

Кампањата го превртува сопствениот слоган, „Најдоброто што мажот може да го добие” во „Најдоброто што еден маж може да биде”, и допира до повеќе важни прашања, особено до влијанието што го имаше #MeToo.

Нараторот прашува, Is this the best a man can get?, играјќи со глаголот, од „да добие” во „да биде”, додека се вртат кадри од мажи кои замислено се гледаат во огледало. Притоа, се прикажуваат клипови од малтретирање на интернет, сексуално вознемирување, потценување на жени на работно место (и секаде на друго место), а нараторот додава: „Ова трае веќе премногу долго.”

Многу умешно ги прикажуваат проблемите - претставени преку редица татковци застанати пред скара, пред нив деца што се тепаат и мантра „машки си се машки”. Уште поумешно ги прикажуваат решенијата - не е секогаш решение да се обратиш на институција, всушност, решението и долгорочното искоренување на проблемите најчесто почнува од нас. Така, еден од татковците, наместо да се гордее, ги раздвојува растепаните деца, или, кога еден сељак ќе тргне да замара девојка, еден дечко му го сече патот и му вика „Не така, друже.”

„Не може назад за тоа што ние, ние веруваме во најдоброто во мажите,” вели нараторот. Рекламата привлече и фалење и критики онлајн - некои се воодушевени и плачат, а други негодуваат дека рекламата го искористува овој долг период кога многу често се отвара темата за таа токсична машкост.

Трети викаат дека со ова се напаѓа целиот машки род, ама тие ќе ги прескокнеме, пошо се глупи. Да, има неосновани напади и изјави према мажите како род, ама баш рекламава ич не е тоа.

Има и истражувања кои ги покажуваат штетните ефекти на оваа вековна појава. Едно, со наслов „Идни мажи”, открива дека половина од младите мажи во Велика Британија чувствуваат дека се под притисок да „покажат муда”. Педесет и пет проценти од учесниците изјавиле дека ако заплачат пред други би се чувствувале помалку машки, а 67 проценти од оние од 18 до 24 години велат дека имаат впечаток дека во тешки ситуации „мораат” да покажат хипер-мажественост.

Заклучокот?

Темата е огромна и особено внимателно и темелно треба да се воведе во нашето општество, но главно - сами си ги учиме своите (машки) деца дека некои недозволиви работи можат да пројдат.

И време е да престанеме.

16 јануари 2019 - 11:38