Да се збуни Инстаграм

Секогаш кога ќе отворите Инстаграм, Фејсбук собира податоци. Знае од каде се логирате, чие стори гледате и на кои реклами се задржувате. Овие информации му помагаат на алгоритамот да ви покажува „ствари што можеби ќе ви се допаднат“, а што е уште поважно за нивниот бизнис, нешта на кои би потрошиле пари.

Многу малку може да се направи за да се спречи ова, ама на некои средношколци им текнало начин да ги збунат алгоритмите на социјалните мрежи.

Саманта Мосли на свои 17 години, на хакерска конвенција одржала предавање за профилот кој таа и нејзините пријатели го користат во слободно време. Со нивните комбинирани интереси, Инстаграм нема поима ни кои се ни, ни каде се и им сервира многу разнолика содржина: спорт, готвење, животни...

Џејн К. Ху од Слејт одлучува да го проба ова со нејзините колеги. Користат акаунт креиран во 2016, што го направила за нејзиното куче и не му влегла од тогаш, па експлор-табот се разбира, покажувал еден куп кучиња и тоа само од две раси. Се договориле дека ќе го користат заедно и дека нема да има правила - кликај, пребарувај, лајкувај што сакаш.

Откако се логира првиот колега, од две раси на кучиња што најчесто ги гледала Ху, се појавуваат повеќе. Недела дена подоцна почнуваат да налетуваат на вегански крофни, постови од бремени фитнес инфлуенсерки, слика од Роберт Патинсон „пред и потоа“ - очигледно дека се вклучиле и други колеги.

До крајот на неделата сфаќаат дека не направиле којзнае што - Инстаграм само научил дека треба да им предлага поширок дијапазон на идеи. Но, откриле ново - една возбуда дека табот за пребарување нуди интересности што претходно не би им ги понудил. И кога ги гледале овие постови, поминувале време повеќе на нив.

Нешто како кога некој ќе ви го покаже неговиот тајмлајн - ново и интересно.

Неделата после експериментот, Ху продолжува да го користи акаунтот, но забележува дека влијанието на колегите испарува - постовите се сведуваат на кучиња и селебрити, па кликаш само на тоа - додека и реално не ти остане само тоа. На крај, чувството дека „го збуниле Инстаграм“ изостанува. Повеќе излегува дека се натпаметиле себеси со тоа што во дневното скролање си вовеле малку свежа Инстаграм крв.

24 март 2020 - 11:59