Нејзиното детство било обично. Семејните одмори често ги поминувала летајќи над пустината Калахари во Намибија во авионот на татко ѝ, барајќи некој легендарен изгубен град. Авионот со еден мотор не бил богаташка играчка - туку пасија на нејзиниот татко. Во школо била бубалица, а наставниците ја праќале да покажува математика на поголемите одделенија. Нејзиниот ум бил магнет за силеџии, а Јужна Африка е сурово место, но сепак, нејзината поголема и поспортски настроена близначка Кеј ја бранела.
Брзо станала независна, поради нејзините физички карактеристики - станала манекенка на 15 години, но очекувала дека ќе снема работа до 18, па почнала да студира диететика. До 21 година веќе сама работела.
Една година подоцна, во 1970-та, се мажи за инженер, Ерол Маск. Елон доаѓа девет месеци подоцна, уште една година потоа доаѓа Кимбал, и на крај ќерка им, Тоска. Бракот трае девет години, а по разводот, ги зема децата и почнува сама, како сингл, вработена мајка. Пари немало секогаш и семејството не можело да си дозволи многу работи како јадење по ресторани и одење во кино. Меј заработувала преку нејзината приватна нутриционистичка ординација, преку држење предавања за здравје и манекенство. Сама ги шишала децата и им сечела нокти. „Немате поима колку е тешко на тинејџер да му исечеш нокти на нозе,” вели таа (Всушност, немаме поима зошто на тинејџер треба некој друг да му сече нокти на нозе). Биле добро воспитани затоа што, „Не им дозволував да бидат збеснати дечишта, не можев тоа да си го дозволам.”
Наспроти денешните „мајки-лавици” и хеликоптер-родители, Меј не била цело време околу нејзините деца, правејќи им распореди, читајќи или проверувајќи домашни. Не им се мешала, и за тоа гордо изјавува, „Бев совршена мајка.” На самото интервју за Економист, кога го изјавува ова, и таа и Кимбал почнуваат да се смеат, па потоа Кимбал додава дека биле навистина независни како деца. „Треба да се учи од неа,” додава. А дали некогаш била загрижена дали ќе си го најдат животниот пат?
„Не,” одговара таа. „Немав време.”
Нејзиниот бизнис кој го води од дома им обезбедува на нејзините деца обука за претприемништво. И сите помагале. Тоска се сеќава дека пишувала писма во име на Меј и одговарала на повици. „Ни помагаше да добиеме чувство на независност и да почнеме да се разбираме во работна етика,” се сеќава таа. Во еден момент, машките избрале да живеат со татко им, што Елон сега го смета за грешка.
Оставени самите да го истражуваат светот, секое од децата спонтано развива силни, а различни интереси. Елон читал и размислувал опсесивно од рана возраст и бил толку внесен во неговиот свет што родителите се исплашиле дека не слуша добро. Првиот компјутерски програм го продава на 12-годишна возраст. Се бори со друштво и го малтретираат во школо. Сепак, развива силна врска со брат му и сестра му и до денес, тие го стабилизираат во животот.
Тоска исто така покажува ентузијазам од рана возраст. Кога имала четири години, го гледала Занаду и веднаш развила страст за филмови. До 18 години, веќе има работа во студио од каде што излегува како режисер. А за Кимбал, Меј се присетува дека ги носела во продавница кога биле мали и „Елон читаше книга, Тоска се врткаше околу мене, а Кимбал бираше пиперки, ги мирисаше и викаше ‘ааах’.”
Елон прв си оди, на 17 години, со канадскиот пасош што му го вади Меј и нешто малку пари што ги имала заштедено. Тоска исто сака да си оди, но е премлада за да оди сама. Затоа, ја убедила Меј, која сакала да работи на докторат, да ја посети Канада за да види дали може таму да студира. Меј од таму праќа одличен извештај за Торонто и тоа ѝ е доволно на Тоска: кога Меј се вратила дома, открила дека нејзината 15-годишна ќерка ја продала куќата и повеќето работи во неа. Потребен бил само потписот на Меј - потпишала. За тоа вели, „моите деца прават исклучителни работи што имаат смисла.”
Двете жени одат кај Елон и се вселуваат во евтин стан во Торонто. Кимбал поминува уште една година во Ј. Африка да заврши школо и после тоа им се придружува. Меј се пријавува како модел, почнува со докторатот и одново почнува да го гради нејзиниот бизнис.
Кога децата се отселиле, Меј уживала во нејзината независност. Јадела храна што децата не ја сакале, се шетала гола низ станот. Решила да се пресели во Њујорк затоа што њујорчани „зборуваат брзо, одат брзо и затоа се нејзини луѓе.” Кимбал доаѓа таму во 2000-та затоа што сака да научи да готви.
На еден начин, нивното патување е класично американско - луѓе кои од мака доаѓаат во Америка. Кимбал зборува дека му било тешко на децата да им ја даде таа мотивација што ја имал кога дошол од Јужна Африка и се плашел дека мора да се врати. Елон дилемата за мешање во животот на децата ја средува со тоа што ќе отвори приватно школо каде што учат неговите пет деца, а каде се предава метод за решавање проблеми и има наставна програма адаптирана според можностите и способностите на детето. Се вика Ад Астра, што значи „до ѕвездите”, но дури и името на школото ја содржи таа иронија за родителството. Латинската фраза е „per aspera ad astra” - со труд, до ѕвездите. Ако потребата е мајка на иновацијата, како успешните луѓе воспитуваат амбициозни, иновативни деца? Не можат, без да се плашат дека се строги со нивните деца и предизвиците со кои тие се соочуваат.
Сепак, разумно е да се верува дека Меј имала некакво влијание врз тоа како овие три индивидуи испаднале. А нејзиниот пристап кон мајчинството е многу поинаков од тој на современата норма. По денешни стандарди, на децата им дава неверојатна слобода да ризикуваат, исклучително малку надзор и не прави никаков обид да им ги формира интересите или да им ја одреди иднината. Носеле одлуки за возрасни луѓе на мали години и иако семејството често било раштркано, нивната врска останува силна.
На крајот на разговорот со Економист, Меј се смешка. Иднината ѝ е светла. Цел живот работела и нема намера да престане. Нејзината мајка, како што вели, работела до 96.
„Штотуку почнувам,” се смее.