Да не ловиме лајкови со ментални нарушувања

Едно пребарување на хаштагот #depressed на Инстаграм вади преку 12 милиони постови. И меѓу црно-белите слики и гифови од цртани ликови што плачат, има слики од лепотици што пушат цигара и по некој дечко со тажна фаца и тетоважи, па текст: „Помош.” и „Сакам да отидам некаде далеку… Засекогаш.”

Овие романтизирани претстави на менталните болести се нешто што експертот за ментално здравје Адити Верма го нарекува „згодно страдање”: мемефицирана верзија на менталните болести која ја намалува анксиозноста и депресијата до привремено чувство, способно да биде изразено преку мрачни филтри и поедноставен текст.

Трендот се појави на Тамблр (оф корс) пред 10 години, но се рашири и на Инстаграм. Има и цели профили - @sadthoughts_1, @__depressionquotes - со илјадници следачи и посветено исклучиво на ваков тип на содржини. Со 71 процент зголемување во бројот на дијагнози за ментални болести кај возрасните од 18 до 25 години во последнава деценија, трендот на лажно портретирање на искуството на ментално болните е закана за ионака нежното здравје на многу млади луѓе.

„Би требало да можам да се поврзам со овие слики, ама едноставно не можам,” вели Мејсон Смајстрла, комичар кој страда од анксиозност. „Сум се карал со себе што гледам слики на Инстаграм за нешто што се врти околу анксиозност, затоа што е само мал дел од тоа како изгледа анксиозноста, а мојата анксиозност е сосема поинаква.”

Иако интернетот нуди можност луѓето да изградат заедница врз основа на заедничката ментална борба, романтизираните верзии многу повеќе изгледаат како да се фалиме со внатрешните страдања преку лајкови и заследувања, наместо како иницијатива за сплотување на таа заедница. Особено поради фактот што некои ментални болести се попопуларни од другите, па оние што „не се нишо посебно” или се „страшни”, како гранична личност, биполарност или шизофренија - никој не ги ни есапи.

„Прво што ми текна откако психијатарот ми кажа дека имам биполарни симптоми беше ‘Штета, не е ни од јаките,’” вели Алекс, 20-годишен студент. „Сфатив и колку чудно звучеше тоа, размислив и ми текна дека не можев да се сетам некогаш на Тамблр или кај и да е, биполарен да биде спомнат на некој друг начин освен како ‘будала’.”

Овој тренд на „згодно страдање” ги дели менталните болести на кул и некул, креирајќи шизма што уште повеќе ги тера во ендек нарушувањата што не се доволно добри за естетско присвојување деновиве. Затоа од една страна ја имаш Лана Дел Реј чија естетика се вртка околу оддржување на физичката убавина, а притоа не се заборава наративот на злоупотреба, самоубиствени идеи и меланхолија, додека Канје Вест, чија јавна борба со биполарноста е категоризирана, повторно, како „будала”.

И што им значи недостатокот на естетско романтизирање на болестите на оние кои страдаат од нив? Дека во општество што се фали дека почнало да разбира и да прифаќа ментални заболувања, нивната дијгноза сè уште не е квалификувана за дигиталниот мејковер на 21-виот век што многумина го добиваат. Ваквата естетика имплицира дека да имаш една од „јаките” болести ти овозможува интелигенција, уникатност и гламур. Истовремено, тие што страдаат од „досадните” болести, не само што им фалат овие работи, туку ќе продолжат и како сунѓери да го впиваат она со „будалите” што општеството е спремно да им го сервира.

Пред речиси еден век, Илај Сигел, авторот на „Филозофија на депресијата” напиша дека, за депресијата и други психијатриски нарушувања да се разберат, мора „да се види реалноста” на личноста што страда. Како што расте кризата со менталното здравје, многу е важно да имаме вистинска претстава за менталните болести, наместо интерпретации кои бараат одобрување и присвојување во поп-културата. Не секое искуство ќе добие 5 минути, но неколку персонализирани, реални илустрации за некои ментални потешкотии, ќе направат многу повеќе за заокружување на оваа разнолика заедница од милион тажни зајдисонца.

16 август 2019 - 09:42