
Но, тоа објаснување може да донесе конфузија меѓу причините и последиците: можеби некои мажи не се оддалечуваат од книжевност толку поради мажосфера, колку што таму наоѓаат културолошка дискусија што веќе не ја наоѓаат во современата фикција.
Издавачката индустрија се има значително сменето - сега жените се главен двигател на работната сила, и индустријата е главно женска. Истовремено, книжевната фикција доживеа значителна промена во гласовите и искуствата што ги обработува. Ова отвори врати што историски им беа затворени на многу писател(к)и и таа диверзификација е важна, но повлече и дебата за тоа дали машките искуства - особено оние на младите, стрејт мажи - станаа помалку атрактивни за книжевниот естаблишмент.
Писателката Џојс Керол Оутс се вклучи во дебатата во 2022 кога рече дека пријател - книжевен агент ѝ рекол дека уредниците „не ни читаат деби-романи од млади мажи без разлика колку ги бива.“ Нормално, доби критики за изјавата и подоцна дообјасни дека не се расправа дека белите мажи историски немале предност, туку зборува за нешто поспецифично - писатели во подем не треба да се отфрлаат затоа што припаѓаат на група што традиционално доминирала во издаваштвото.
Тука има јасна дистинкција - правење место за претходно исклучувани гласови не бара отфрлање на други гласови, затоа што книжевноста не треба (барем не би требало) да исполнува некои демографски таргети, туку треба да ни го подобри разбирањето на човечкото искуство. Ако младите мажи постојано чувствуваат дека современата култура не им се обраќа, не можеме само да ги караме да читаат повеќе. Издавачите и авторите треба да се запрашаат и зошто се повлекуваат - и дали фикцијата им нуди приказни за нивните лични анксиозности, амбиции, осаменост, сексуалност, пријателство или несигурност.
Затоа што, здрава книжевна култура не треба да бира меѓу разноликост и универзалност, туку да произведува современи дела во кои различни луѓе ќе се пронајдат.