Дали доаѓа време на анонимни инфлуенсери?

Следниот голем инфлуенсер можеби воопшто нема да сака да знаеме кој е.

Дојдое време личниот капитал да го мериме во број на следбеници, фотографии и јавно споделени детали од животот. И до толку се претера, што по ново, целосното отсуство од социјалните мрежи почнува да изгледа како луксуз. Ако некогаш 100.000 следбеници биле статусен симбол, денес може некому да привлечеш внимание баш затоа што немаш следачи.

Идејата се вклопува во една поширока промена: Креаторската економија со години ги претвора човечките желби - убавината, успехот, патувањата, богатството, слободата - во содржина и пари. Но што се случува кога некој ќе добие желба за, замислете - приватност?

Вол Стрит Журнал неодамна пишуваше за богатите луѓе кои трошат огромни суми за да го намалат своето дигитално присуство - да ги отстранат личните податоци од интернет, да го сокријат местото каде што живеат и да избегнат да биде познато каде се и што прават. За повеќето луѓе, таков живот не е реална опција. Напротив, присуството на интернет стана речиси задолжително, а видливоста носи работа, контакти, публика и можности. Да се биде невидлив може да значи и да се биде недостапен.

Според некои податоци, 64 отсто од припадниците на генерацијата З се сметаат себеси за креатори, што кажува колку длабоко навлегла идејата дека личниот бренд е речиси предуслов за успех.

Затоа, се разбира, имаме и спротивен тренд.

По години во кои инфлуенсерите ни продаваа видливост како идеал, анонимниот инфлуенсер би можел да ни го продава спротивното: слободата никој да не знае кој си. Таквиот креатор би можел да нè пушти во својот дом, да ни го покаже својот ден и начинот на кој живее, а притоа да си го сокрие името, лицето и другите детали што го откриваат неговиот идентитет - токму во тоа би била привлечноста.

Дали конечно дојде време да се тепаме за невидливост? Или рано ни е, па да објавиме уште некоја слика од свадба?

2 септември 2026 - 00:00