Ново истражување објавено во медицинското списание „Лансет“ укажува дека просечната висина на момчињата и девојките на возраст од 5 до 19 години во Кина и во Кореја се зголемила со најбрзо темпо во светот во текот на изминатите 35 години.
Бизнис-весникот Nikkei забележува дека во истиот период просечната висина на нивните јапонски врсници останала речиси непроменета.
Просечната висина на 19-годишните Јапонци во 2019 година изнесувала 172,1 сантиметар, а кај Јапонките 158,5 сантиметри. За споредба, просечната висина на Корејците е 175,5 сантиметри, а на Корејките 163,2 сантиметри. Кај младите Кинези просекот е 175,7 сантиметри, а кај Кинескињите 163,5 сантиметри.

Во 1990 година ситуацијата била спротивна. Јапонците биле највисоки во регионот со просечна висина од 170,4 сантиметри кај младите мажи, во споредба со 168,7 сантиметри на Корејците и 167,6 сантиметри на Кинезите. Тоа значи дека во истражуваниот период, Кинезите пораснале просечно за 8 сантиметри, Корејците за 6,8 сантиметри, а Јапонците незначително за 1,6 сантиметри.
Како главна причина за впечатливата разлика се издвојува исхраната. Податоци од Националниот институт за биомедицински иновации, здравје и исхрана покажуваат дека дневното внесување на калории по глава на жител во земјата постепено опаѓал по 1995 година, пред да се стабилизира.
Според статистичките податоци на Организацијата за храна и земјоделство на ОН, дневните залихи на енергија по жител во Кореја и Кина се за 760 до 800 килокалории повисоки отколку во Јапонија. Се претпоставува дека фактор може да бидат и послабата исхрана со зеленчук, како и исхраната посиромашна со калциум и витамини.

Уште еден значаен фактор се јапонските национални здравствени упатства до идните мајки да држат диета за време на бременоста за да се спречат хипертензивни нарушувања. Податоците на ОЕЦД од 2021 година покажуваат дека 9,4% од новороденчињата во Јапонија биле со тежина под 2,5 килограми, за разлика од само 7,2% во Кореја.
Трета хипотеза укажува дека јапонските доенчиња и мали деца спијат помалку. Студија од 2010 година спроведена од истражувачи од Детската болница во Филаделфија открила дека јапонските деца од раѓање до 3 години спиеле 11,62 часа на ден, во споредба со 12,49 часа во Кина и 11,9 часа во Кореја.
Не можеме да извлечеме цврст заклучок бидејќи нема директни податоци, но пократкото времетраење на спиењето кај јапонските деца може да биде еден од неколкуте фактори што влијаат на растењето подоцна, вели професорот Акифуми Киши од Универзитетот во Токио.