
На ТикТок има еден одличен профил - Објаснува ракун - полн врвни заебанции околу машко-женски односи, женски фиксации (ладни кафиња, трошење пари, обврски по дома, шопинг) и ако за момент се ослободиме од бивање мртви-озбилни на тема родови студии, можеме и да се посмееме.
Да речеме - трошење пари.
Влегуваш во продавница. Се фаќаш за парче облека. Претпоставуваш дека е 30 евра. Гледаш етикета - 22 евра.
Значи, го купуваш и заштедуваш 8 евра.
(Ќутете де, сега.)
Осум евра се, значи, бесплатни пари. Со осум евра можеш да си купиш уште нешто (во странство е тоа големо, млечно, шлагасто кафе).
Сакаш да попазариш уште малку. Одиш на мобилно банкарство да видиш колку имаш на сметка. Очекуваш да најдеш 400 евра. Наоѓаш 500 евра.
Бесплатни 100 евра!
Што значи, влегуваш пак во продавница. Наоѓаш нешто што чинело 100 евра, ама сега на попуст е 70 евра.
Тоа е како некој да те части 30 евра!
Не, не се бунете. Оставете нè со ракунот на раат.
Штедиме. А, притоа се частиме.