Мора и малку критички пристап кон „Diary of a CEO“ - по малку нè мавта

„Дневникот на еден директор“ (колку тоа напорно звучи) е подкаст на Стивен Бартлет, кој редовно ги носи пред микрофон најуспешните луѓе од бизнисот, спортот, психологијата и забавната индустрија. Нивните приказни најчесто се сведуваат на дисциплина, ментална сила, правилни навики, самодоверба и подготвеност за преземање ризици.

Сето тоа може да биде корисно, ама на интернет има еден муабет дека сè што емисијата успева да направи е да ти направи gaslighting дека ти си сам виновен затоа што уште не си милијардер. Не само што си крив за тоа, крив си и што си сиромашен.

Тука се појавува една од најголемите слабости на ваквиот тип содржина - survivorship bias, односно пристрасноста на преживеаниот. Слушаме луѓе кои успеале и ги прашуваме што направиле за да стигнат таму, а нивните одговори природно се фокусираат на работите што можеле да ги контролираат. Но не ги слушаме илјадниците луѓе кои биле исто толку дисциплинирани, амбициозни и упорни, а сепак не станале милионери, успешни претприемачи или познати личности.

Можеби влегле во погрешна индустрија во погрешен момент, можеби немале финансиска поддршка, корисни контакти или образование; можеби имале семејни обврски, здравствени проблеми или едноставно немале среќа. Од тука тој мотивациски наратив станува проблематичен - економските и општествените околности лесно ги претвора во личен недостаток.

Немате доволно пари? Треба да работите на вашиот mindset.

Не сте напредувале во кариерата? Можеби не сте доволно дисциплинирани.

Не сте го постигнале она што сте го замислувале? Можеби не сте се потрудиле доволно.

На тој начин, овој сложен свет во кој живееме се сведува на едноставна формула: успешните го направиле како што треба, неуспешните не.

Но успехот не е само прашање на карактер. Во него учествуваат и местото и времето во кое сме родени, економските услови, образованието, семејното потекло, контактите, можностите и - неизбежно - среќата. Ова не значи дека личната одговорност не постои - нашите навики и одлуки навистина можат да го променат животот, но постои важна разлика меѓу „имате влијание врз својот живот“ и „го контролирате исходот“.

Овде зборуваат за книгата со истиот наслов, од истиот автор, која „ти дава рамка според која можеш да се обвинуваш себеси“:

4 септември 2026 - 00:00