
Повеќе од половина век беше една од најпрепознатливите фигури на феминистичкото движење и помогна да се создаде јазик со кој жените почнаа јавно да зборуваат за проблеми што дотогаш често се сметаа за „нивна приватна работа“.
Во 1960-тите, Стајнем веќе работи како новинарка и еден од нејзините најпознати текстови бил истражувачкиот напис од 1963 година, за кој тајно работела како келнерка во клубот „Плејбој“. Нејзиното искуство открило услови и сексуална експлоатација зад гламурозната слика на клубот. Подоцна, во 1969 година, откако присуствувала на јавно сведочење на жени за нивните искуства со абортусот, Стајнем почнала поактивно да се вклучува во феминистичкото движење.
Можеби нејзиниот најголем придонес е тоа што сфатила дека на движењето му треба сопствен медиум. Во 1971 година, заедно со други феминистички новинарки, го започнала списанието Ms. Првиот број бил објавен како додаток на New York Magazine, а потоа списанието продолжило самостојно. Пробниот број се распродал за само осум дена.
Она што го правело Ms. поинакво било тоа што темите за жените не ги третирало како рубрика за мода, убавина или семејство, туку се пишувало за семејно насилство, сексуално вознемирување, силување, нееднакви плати, репродуктивни права, детска грижа и политичката положба на жените. Огромно достигнување е што прашањата што дотогаш биле приватни биле претворени во политички прашања.
Во исто време, Стајнем не останала само во медиумите. Во 1971 година била меѓу основачите на National Women's Political Caucus, организација создадена со цел повеќе жени да влезат во политиката и да имаат влијание врз носењето одлуки. Подоцна учествувала и во создавањето на други организации посветени на правата на жените а нејзиниот феминизам не бил ограничен само на прашањето на полот. Стајнем инсистирала дека нееднаквоста поврзана со пол, раса и класа не може да се разгледува одвоено и токму ова подоцна ќе стане една од важните идеи во развојот на современиот феминизам.
Нормално, ја критикувале. Нејзината јавна позиција, либералниот феминизам и улогата во движењето предизвикувале спорови и меѓу самите феминистки. Но историското прашање е пошироко од тоа дали секоја нејзина идеја била исправна - тоа што го има постигнато е поважно: Помогна да стане нормално жените јавно да кажуваат дека нееднаквоста не е личен неуспех, туку општествен проблем.
Подетално ја имавме на Букбокс, па кога беше заштитно лице на кармини и кога зборуваше за гадни мажи.
Вака зборуваше:
„Феминист е секој што ја препознава еднаквоста и целосната човечност на жените и мажите.“
„Првиот проблем за сите нас, и за мажите и за жените, не е да учиме, туку да се одучиме.“
„Без полет на имагинацијата, без сонување, ја губиме возбудата од можностите. Впрочем, сонувањето е еден вид планирање.“
„Почнавме да ги воспитуваме ќерките повеќе како синови, но малкумина имаат храброст да ги воспитуваат синовите повеќе како ќерки.“
„Жените отсекогаш биле еднаков дел од минатото. Само што не биле дел од историјата.“
„Не размислувајте како да ги вклопите жените во светот - размислувајте како светот да го направите таков што ќе им одговара на жените.“
„Моќта може да се преземе, но не може да се подари. Самиот процес на преземање е зајакнување.“
„Жените можеби се единствената група што станува порадикална со годините.“
„Никогаш нема да го решиме феминизирањето на моќта додека не ја решиме маскулинизацијата на богатството.“
„Иднината целосно зависи од она што секој од нас го прави секој ден; движењето постои само ако луѓето се движат.“
„Вистината ќе ве ослободи, но прво ќе ве налути.“