фото: EpaImages
Глорија Стајнем, една од најзначајните личности на таканаречениот втор бран на феминизмот и феминистичка мислителка која влијаеше врз повеќе генерации, почина на 92 години. Со своите препознатливи очила за сонце, новинарските текстови, јавните настапи и политичкиот активизам, таа со децении беше една од највидливите претставнички на борбата за правата на жените во САД. Нејзиниот живот се протега низ период во кој ставовите кон жените драматично се менувале, а таа постојано се обидувала да го следи тој процес и да го турка напред.
Родена во Толидо, Охајо, во 1934 година, Стајнем уште во детството директно почувствувала дел од проблемите за кои подоцна ќе пишува и зборува. Нејзините родители се развеле кога имала десет години, а таа гледала како нејзината мајка се обидува да најде работа. Подоцна ќе зборува дека токму тоа искуство силно влијаело врз нејзиното разбирање на патријархалните структури и начинот на кој тие ги ограничуваат жените, особено оние кои самите ги издржуваат семејствата.
Гледала и како лекарите ги потценуваат здравствените проблеми на нејзината мајка, делумно поради предрасудите поврзани со нејзината претходна нервна криза. Така, уште рано во животот Стајнем го почувствувала начинот на кој општеството се однесува кон жените, особено кога се самохрани мајки или кога се наоѓаат на маргините.
По студиите на Смит, престижен женски колеџ во Масачусетс, таа започнала кариера како новинарка. Еден од нејзините први позначајни текстови се појавил во списанието Есквајер во 1962 година и бил посветен на употребата на контрацепцијата. Но наместо да остане само на темата за контрацепцијата, Стајнем ја искористила за да отвори многу пошироко прашање: зошто жените во американското општество толку често биле принудени да избираат меѓу кариерата и семејството?
Следната година направила уште еден новинарски потег кој ќе стане познат. За текстот „Приказна на едно зајаче“ поминала една година работејќи како „зајачица“ во клубот Плејбој во Њујорк. Одвнатре го опишала начинот на кој биле третирани жените што работеле таму, условите за работа и сексуалните барања со кои се соочувале. Наместо гламурозната слика што ја продавал брендот, Стајнем покажала што значи да се биде жена која работи во таква средина.
Пресвртот во нејзиниот живот, сепак, дошол во 1969 година. Стајнем отишла на протест за правото на абортус, како новинарка која требало да известува за настанот. Искуството било толку силно што подоцна го опишувала како моментот кој ја насочил кон јавниот феминистички активизам. За темата имала и лично искуство. Во 1957 година, кога абортусот сè уште бил незаконски, таа абортирала во Лондон. Во своите подоцнежни мемоари му оддала признание на лекарот кој ѝ помогнал.
Во 1972 година, нејзината новинарска работа и феминистичкиот активизам се споиле во еден од најзначајните проекти по кои ќе биде запаметена. Стајнем била меѓу коосновачите на списанието Ms., кое брзо станало еден од симболите на вториот бран на феминизмот. Списанието отворало теми кои дотогаш често биле третирани како приватни или маргинални: репродуктивните права, условите за работа, сексуалноста и начинот на кој сите тие прашања се поврзани со секојдневниот живот и положбата на жените.
Стајнем истовремено била исклучително политички активна. Се залагала за усвојување на Амандманот за еднакви права, го критикувала учеството на САД во Виетнамската војна, ја поддржала претседателската кандидатура на Ширли Чишолм и била уапсена за време на протест против апартхејдот пред јужноафриканската амбасада. Подоцна ги поддржала и претседателските кандидатури на Хилари Клинтон.
Но нејзината биографија не е приказна без противречности. Еден од најинтересните примери е нејзиниот став кон Бил Клинтон во текот на скандалот со Моника Левински во 1998 година. Во текст објавен во Њујорк Тајмс, Стајнем го бранеше Клинтон и ги критикуваше оние што бараа негова оставка или отповикување поради сексуалната врска со Левински и обвинувањата за сексуално недолично однесување од други жени.
Нејзиниот аргумент бил дека десничарскиот напад врз Клинтон делумно бил мотивиран од неговата поддршка за репродуктивните права. Но уште поважно, Стајнем сметала дека осудувањето на консензуалната сексуална врска меѓу Клинтон и Левински би можело да значи отстапување од едно од достигнувањата на феминистичкото движење: признавањето на женската сексуална автономија.
Со текот на годините, сепак, нејзиниот став се променил. Кога движењето #MeToo во 2017 година повторно ги отвори прашањата за сексуалното насилство, злоупотребата на моќта и односите меѓу моќните мажи и жените што зависат од нив, Стајнем призна дека денес можеби би го напишала текстот за Клинтон поинаку.
Токму оваа подготвеност да го преиспита сопствениот став е важен дел од нејзиното наследство. Феминизмот што Стајнем помогна да стане масовно и политички влијателно движење со текот на времето се соочи и со критики дека не секогаш ги земал предвид различните искуства на сите жени, особено оние кои истовремено се соочуваат со сиромаштија, расизам, дискриминација или други форми на нееднаквост. Стајнем затоа останува сложена историска фигура. Таа беше симбол на феминистичката борба, но и жена чии ставови се менувале заедно со самото движење.