Гркинката зад човекот што го откри пеницилинот

Амалија Куцури-Флеминг не била само сопруга на Александар Флеминг: била лекарка, микробиолог и научничка со сопствен придонес кон истражувањето на антибиотиците. 

Приказната за пеницилинот обично започнува со Александар Флеминг и едно случајно откритие во лабораторијата. Во 1928 година, тој забележал дека мувла навлегла во една од неговите бактериски култури и дека бактериите околу неа престанале да се размножуваат. Ја идентификувал како дел од родот Penicillium, а антибактериската супстанција што ја произведува ја нарекол пеницилин.

Откритието ја променило медицината, но пеницилинот не станал веднаш употреблив лек. Биле потребни години дополнителни истражувања, особено работата на Хауард Флори и Ернст Чејн, за да се развие терапија што може да се користи во широка медицинска практика. Во 1945 година, Флеминг, Флори и Чејн заеднички ја добиле Нобеловата награда за физиологија или медицина.

Но во оваа приказна постои и една помалку позната грчка врска – Амалија Куцури-Вурека, грчка лекарка и микробиолог која работела во лабораторијата на Флеминг, а подоцна станала негова сопруга. Но нејзиното значење не произлегува само од нејзината врска со познатиот научник.

Амалија била родена во Константинопол во 1912 година, а медицина студирала во Атина, каде што подоцна се специјализирала за микробиологија. Во 1947 година, со стипендија на Британскиот совет, заминала во Лондон и почнала да работи во лабораторијата на Флеминг во болницата „Сент Мери“.
Таму развивала и сопствена научна работа, меѓу другото истражувајќи антимикробни супстанции и отпорност на бактериите кон антибиотици. Помеѓу 1947 и 1952 година објавила девет научни трудови. Со Флеминг се омажила во Лондон во 1953 година, кога тој веќе бил светски познат научник и нобеловец. Но Амалија дотогаш веќе имала изградено сопствен професионален и научен идентитет.

Флеминг починал во 1955 година, а Амалија потоа се вратила во Грција. Таму се посветила, меѓу другото, на создавање услови за развој на биомедицинските истражувања. Во 1965 година ја основала Хеленската фондација за основни биолошки истражувања „Александар Флеминг“, со цел во Грција да се создаде современ центар за научна и технолошка извонредност.

Проектот се развивал бавно. Во 1966 година фондацијата добила земјиште во Вари, во близина на Атина, но реализацијата била прекината за време на воената диктатура во 1970-тите. Зградата била завршена во 1993 година, а во 1995 година официјално бил основан Истражувачкиот центар за биомедицински науки „Александар Флеминг“. Toj и денес е активна грчка научна институција, со истражувања во области како биологијата на ракот, имунитетот, невронауката и РНК-биологијата.

Амалија Флеминг починала во 1986 година, но нејзиното име останало присутно во грчката наука и здравство. Болницата „Амалија Флеминг“ во Мелисија, Атина, го носи нејзиното име.

22 септември 2026 - 10:30