Ако случајно ви затреба - рецепт за колач со кој се откриваат вештерки

Денес „колачот за вештерки“ е само бизарна епизода во големата приказна за судењата во Салем. Но токму неговата необичност добро покажува до каде можат да доведат стравот и уверувањето дека за натприродното може да се најде „доказ“ со сосема обични предмети и постапки – со брашно, урина и едно збунето куче.

Во време кога луѓето искрено се плашеле од вештерство и од натприродни сили, се измислувале најразлични начини за откривање на оние за кои се сомневало дека се вештерки. Некои од нив биле бизарни, други опасни, а трети директно бесмислени. Обвинетите можеле да бидат прегледувани за необични белези по телото, како бемки, белези од раѓање или брадавици. Ако се сметало дека некоја вештерка маѓепсала добиток, млекото од животното се загревало, а кофата се удирала со стап. Се верувало дека трагите од ударите на кофата ќе се појават како модринки или рани на грбот на вештерката.

Многу од овие „тестови“ довеле до апсења, осуди и егзекуции на невини луѓе, најчесто жени. Некои биле и смртоносни сами по себе. При таканареченото „испитување со вода“, обвинетата бил фрлана во вода со врзани раце и нозе. Според некоја „аланфордовска“ логика, ако испливала, тоа се сметало за доказ дека е вештерка; ако потонела, била невина (што најчесто значело и удавена).

Меѓу најчудните методи бил и таканаречениот „колач за вештерки“, кој особено останал запаметен по познатите судења за вештерство во Салем, Масачусетс, во 1692 година. Повеќе од сто луѓе од селото биле обвинети за вештерство, а 19 од нив биле погубени.

Случајот започнал откако во зимата 1692 година деветгодишната Бети Парис, нејзината единаесетгодишна братучетка Абигејл и нивната дванаесетгодишна пријателка Ен Патнам почнале да имаат необјасниви напади и грчеви. Денес историчарите и медицинските истражувачи предложиле различни можни објаснувања, од здравствени состојби до труење со габа познато како ерготизам, кое може да предизвика халуцинации и други необични симптоми. Но тогашниот локален лекар сметал дека причината е натприродна.

Една од сосетките, Мери Сибли, предложила да се направи „колач за вештерки“ за да се открие кој стои зад наводното маѓепсување. Рецептот бил крајно непријатен: брашно се мешало со урината на девојчињата, а од смесата се печел колач.

Иако денес звучи морбидно и апсурдно, во тогашното сфаќање постоела своевидна логика. Се верувало дека магијата на вештерката некако се пренесува и во телото на нејзината жртва, па затоа и телесните производи на жртвата можеле да содржат трага од магијата. Во некои случаи „колачот“ се користел како наводен лек: се верувало дека со неговото печење, горење или уништување може да се уништи и моќта на вештерката. Во Салем, меѓутоа, идејата била малку поинаква – колачот требало да помогне да се открие дали воопшто постои вештерство.

Замислата била едноставна: ако девојчињата навистина биле маѓепсани, тогаш магијата би требало да влијае и врз она што е направено од нивното тело. Затоа колачот бил даден на кучето на семејството Парис. Ако и кучето се разболело, тоа би се сметало за доказ дека зад состојбата на девојчињата стои вештерство.

Но кучето не само што не се разболело, туку барало уште.

Кога дознал за целиот ритуал, свештеникот Семјуел Парис бил згрозен. Според него, самиот обид да се користат вакви магиски постапки бил богохулен и „ѓаволски“. Набргу потоа сомнежите се насочиле кон Титуба, робинка која работела во семејството Парис, а потоа и кон уште две жени од Салем – просјачката Сара Гуд и болната Сара Озборн.

Од тој момент започнала една година на страв, сомнежи и обвинувања. Списокот на осомничени постојано се ширел, а на крајот речиси дваесет луѓе биле погубени. Титуба, иако била меѓу првите обвинети, по повеќе од една година помината во притвор никогаш не била осудена и не се знае што се случило со неа по 1693 година. Сара Озборн умрела во затворот чекајќи го судењето, додека Сара Гуд била обесена во јули 1692 година.

извор

22 септември 2026 - 15:27