Дали имате привилегија на убавина?

На интернет го викаат pretty privilege и всушност се работи за предност што ја добиваат луѓето кои се објективно и конвенционално физички привлечни.

Секако, не значи дека убавите имаат по дифолт лесен живот, ниту дека успесите им се подарени. Но, постојат ситуации во кои изгледот може да им отвори врати, да им донесе повеќе внимание или да им остави малку повеќе простор за грешки, ако ништо друго, барем во однос на понепривлечните.

Три знаци дека ја имате оваа привилегија:

1. Луѓето полесно ви простуваат
Заборавена обврска, доцнење, малку непријатен коментар - нешто што кај друг човек би било оценето како непристојно, кај вас поминува полесно.

Можеби сте забележале дека луѓето побрзо ви даваат втора шанса, полесно се смеат на вашите шеги или се подготвени да ви припишат добра намера дури и кога сте направиле грешка. Тоа е еден од најчестите, но и најтешко забележливи облици на pretty privilege. Не мора да ве облетуваат со комплименти, доволно е само што се попопустливи кон вас.

2. Непознати почесто и порадо ви помагаат
Сте забележале дека луѓето се пољубезни кога нешто прашувате, ви треба помош, или сте во непозната средина? Ви придржуваат врата, ви помагаат со багаж, не ги мрзи да ви објаснат, почнуваат разговор со вас... 

3. Имаат позитивни предрасуди за вас и мислат дека сте подобри отколку што реално сте
Ова е можеби најинтересниот знак. Пред да ве запознаат, луѓето ве доживуваат како посамоуверени, попаметни, попријатни или посоцијални. Можеби на интервју добивате топол прием, во ново друштво полесно ве прифаќаат, или луѓето веднаш претпоставуваат дека сте интересна личност.

Проблемот е што физичката привлечност често се поврзува со други позитивни особини. Познато како halo effect - ефект на ореол - тенденција една позитивна карактеристика да влијае врз целокупната слика што ја имаме за некого.

И на крај, најверојатно ја живеете привилегијата ако мислите дека светот функционира исто, или барем слично за сите.

Не баш. Ама ако ви е ново ова - супер.

3 септември 2026 - 00:00