Реклама за Њујорк Тајмс што се појави онлајн и на јавни места минатата недела, прикажува нивен претплатник, Лиана, како набројува неколку нејзини омилени нешта. Наместо да кажува секојдневни фини работи, таа вели „кршење на бинарноста“ и „наследство во силни бои“. И потоа, ја покажуваат во поле, со еден вид волшебничка наметка, со стапче во рака, како „го замислува Хари Потер без неговиот создавач.“
На еден начин, ова не би требало да нè изненадува. Роулинг ја нервира елитата веќе некое време. Иако, со оглед на степенот до кој нејзината интеграција во легендите, магиите и митолигијата со нејзината сопствена фантастична имагинација, на Роулинг ѝ обезбеди место во срцата на милиони млади читатели ширум светот, нејзината континуирана способност да биде тренд на Твитер се заснова примарно на нејзиното инсистирање на мислење што во некое друго време би се сметало за крајно банално. Поточно, дека зборот „жена“ се однесува на биолошко постоење, наместо умствено.
Како да е обратно од сцената во Матрикс, кога Морфеус на Нео му покажува колку длабоко оди зајачката дупка. Роулинг наместо тоа демонстрира дека ја има насликано таа зајачка дупка, како којотот, на студената, цврста површина на реалноста, со цел да забавува.
Се разбира, „Замислување на Хари Потер без неговиот создавач“ можеби е безопасна интелектуална или креативна вежба, како да замислиш нос што го снемува од лицето на некој човек, за подоцна да го надмине во ранг во Руската граѓанска служба. Или пар панталони што одат на одмор без нозете во нив. Можеби апсурдноста е поентата.
Но, не ќе да е така. Ова трае веќе некое време и имаше разни обиди да се направи кансел на жената што славно го загуби статусот на милијардер, само затоа што премногу донираше пари. Веројатно ни за ова нема да се потресе, но сепак, нам ни овозможува да го разгледаме креативниот процес.
На крајот на неговото истражување за достигнувањата на западниот свет во уметноста, Кенет Кларк веројатно го дава најдоброто сумирање, највпечатливото кредо во историјата на британската телевизија:
„Имам бројни уверувања што биле поништени од страна на најживите интелекти на нашето време. Дека редот е подобар од хаосот, дека создавањето е подобро од уништувањето… А сигурен сум дека човечката сочувствителност е повредна од идеологија… Над сè, верувам во од Бога дадениот гениј на одредени индивидуи и го вреднувам општеството што го прави нивното постоење возможно.“
Додека зборува, камерата се префрла на дело од Микеланџело, недовршен мермер што ја изразува буквално монументалнта задача на ослободување на значењето и убавината од сиров камен.
Во тој момент, храброст би било да се одврати Кларк, колку и да ви е жив интелектот. Сепак, од Бога даден гениј, дури и во смисла на мистериозен креативен дух - навистина е демоде идеја, а има и такви што ја гледаат како недозволиво контрирање на егалитаристичкиот идеал.
Дискусијата за одвојување на уметноста од уметникот, на мислата од мислителот, е излитена. Хипокризијата обично е одлучувачки фактор. Комичарот Дејв Џонс имаше одличен коментар за разликата меѓу Гери Глитер и Мајкл Џексон - не е толку до вината, колку до ублажувачкиот квалитет на исходот. Но, сега зависи од егзактната природа на злосторот, на ересот.
Немам видено некој реално да се обиде да замисли дело без неговиот автор. Ова налага доста психотично забегување од реалноста на креативниот процес; обид реално да се отстрани авторот од неговата креација, за таа некако да плови слободно. Што е алтернативното сценарио? Да се преправаме дека Џ. К. Роулинг само реновирала некои веќе постоечки митови, како оние преработки на Хомерови или Артуријански легенди за современи читатели? Или дека Хогвортс е колективен напор што им влегол во радар на Ворнер Брос, позначајно излегувајќи од Даниел Редклиф или Ема Вотсон, наместо од самата Роулинг?
Бизарно. Дури и по стандардите на моралниот универзум што самите книги го креираат, многу погрешно. Тоа што Роулинг ѝ дава легитимитет на куќата Слитерин, како дел од магичната заедница, и на професорот Снејп особено, покажува дека таа го владее потребното признавање на темната страна за да се создаде интегрирана личност.
И сето ова пред да стигнеме до фактот дека Роулинг е обвинета што има мислења што мнозинството луѓе ги сметаат за толку очигледно точни, што не им се верува дека е потребно да се бранат.
Така што да, „да се замисли Хари Потер без неговиот создавач“ е доста проблематично.
Се разбира, ако ја споредиш Роулинг со Микеланџело, ризикуваш исмевање. И ако сме искрени, нејзините фанови знаат да бидат исто напорни колку хејтерите. Имаше еден период кога секое негодување против либералната прогресивна ортодоксност, од Трамп, до Брегзит, до Џереми Кларксон, се делеа на одредени типови низ призмата на Капата-бирачка. Во меѓувреме, луѓето што немаа мрднато од Мелвил, Достоевски или Елиот беа подложени на превртување со очи од страна на тие што го имаа прочитано целиот, шарен Потер-свет. Затоа и моите интеракции со нејзините дела беа сведени на „прочитајте некоја друга посрана книга, аман“, секогаш кога ќе видев дека нејзиниот текст се користи за да се разбере или илуминира Дискурсот.
Значи, ако кажам дека сум фан, претерувам. Но, факт е дека ќерка ми, тогаш 12-годишна, беше многу поуништена кога сфати дека стигна до крајот на Хари Постер, дека нема веќе простор за истражување, или ликови за запознавање, отколку кога почина баба ѝ, кога ги напушти стационарите без да си одбере кутре, или кога нејзината најдобра другарка не ја дружеше веќе.
Беше сериозна жалост, како кога Енди од „Приказна за играчките“ зема длабок здив и се прости со Вуди. Ќерка ми се надева дека ќе студира англиски на факултет догодина и не се ни прашувам каде почнало тоа патување. Сигурно не е Хенри Џејмс.
Значи, наместо да се занесуваме со психопатски, апстрактни отсекувања на умот на Џ. К. Роулинг од нејзините дела, би ѝ рекол на Лиана и сите од маркетинг одделот на Њујорк Тајмс дека треба да размислат. Да ја практикуваат најчудесно терапевтската дисциплина: благодарноста. Да бидат благодарни што живеат во општество каде што се можни креации. Да бидат благодарни дека комбинацијата од квалитети - храброст да се зборува својата вистина сигурно е еден од нив - ѝ овозможиле на Џ. К. Роулинг (и никому друг) на светот да му го даде Хари Потер, и тоа додека се тие живи. И да, да ја скршат бинарноста, меѓу правилното и погрешното размислување и да се опуштат и да уживаат во богатото наследство од бои на оние фантастични тврди повези.
А ако тоа сепак не функционира - па, тогаш, навистина. Прочитајте некоја друга посрана книга.