Британската организација Population Matters не повикува на истребување на луѓето, дури ни на шала - но сепак води кампања против растот на популацијата кој, според нив, придонесува кон еколошка деградација, трошење на ресурси, сиромаштија и нееднаквост. Списокот на нивните влијателни членови ги вклучува и Дејвид Атенборо, Крис Пекам, Лајонел Шрајвер, приматологот Џејн Гудал. Од неодамна и тркачката и еколошки активист, Лејлани Мунтер.
Кога ќе ја прашаат Мунтер, 44, дали има деца, таа има спремен одговор:
„Не, јас и мојот сопруг сме без деца по сопствен избор.“
Терминот без деца не имплицира дека нешто ти фали како другиот - бездетен, а со тоа што им открива од старт дека не се работи за тажна тема на разговор што треба да се избегнува, таа вели дека „им отвора врата да речат: Интересно, зошто така?“
Мунтер има желба непријатната тема за пренаселеност да ја донесе од табу во мејнстрим. „Колку повеќе зборуваме за тоа, толку поудобно ќе им биде на луѓето да кажат мислење и тогаш, можеби ќе се променат работите.“ Според нејзе, предолго се држи темата по страна - можеме да зборуваме и за штетни емисии и за климатски промени, но кога доаѓа на ред популацијата, се добива многу емотивна реакција.
Од друга страна, Робин Мејнард, директорот на Population Matters вели дека забележува зголемена подршка, што може да ја измери и преку онлајн сообраќај, следбеници на социјални мрежи, интерес и сѐ повеќе понуди за донации.
Мунтер не размислувала на оваа тема до еден, за неа, важен час по биохемија на факултет, кога имала 20 години. На едно предавање им пуштиле документарен филм за светското население. Бројките биле неверојатни.
„На луѓето им требале 200.000 години да стигнат до првата милијарда, потоа 126 за да удвојат до 2 милијарди. За уште една милијарда им требале само 30 години, а за следната - само 14. Секоја наредна милијарда барала само 12 години. И многу е страшно,“ вели Мунтер.
Можеме да ги прифатиме електричните возила, изворите на обновлива енергија и храната од растително потекло, но според нејзе, ова не може да надомести за пренаселеноста на земјата. Мунтер застанува и зад најконзервативните проценки за тоа „колку може Земјата да држи“ - истражувачи на универзитетот Корнел во 1999 имаат откриено дека,
„Под претпоставка дека сите луѓе живеат во релативен просперитет, со пристап до чиста вода и електрична енергија, тој број е 2 милијарди, што значи дека веќе сме над 5.5 милијарди повеќе од идеалното, а додаваме нови и нови луѓе секој ден.“
Според Мунтер, најдобар начин да се намали човечкото страдање е да се инвестира во луѓето што веќе ги имаме, со пристап до здравство, добро платена работа и подобро образование, „особено за девојки и жени. И бесплатен, еднаков пристап до контрацепција и повеќе општествен притисок семејствата да се одлучуваат на ич или помалку деца.“
„Дали ќе имаш или ќе немаш деца е веројатно најважната одлука што ќе ја донесеш во животот и не треба семејството, општеството или религијата да ти влијае за нешто толку важно и големо. Во ред е да се размисли на таа тема и да се донесе сопствена одлука.“