Како постигнува Џејн Гудал:

Како е да си на пат 300 дена во годината?

Џејн Гудал е светски признат приматолог, активист за екологија и права на животните и има 83 години. За нејзе има нов документарец, „Џејн”, составен од претходно невидени 140 часа снимки од нејзините денови во Танзанија. Многу малку од нас ќе се одлучат за ваков начин на живот, ама па, сите нешто се жалиме за немање време и постигнување и завршување на обврски. Нека постои ова тука, чисто да видиме како може да изгледа еден ден, година, па и живот.

Не се само травел блогери и инстаграмџии што патуваат, и не е секогаш ултра-гламурозно, со коктели и стапала сликани до базен на Бахами.

За едно типично утро: Поминувам 300 дена на пат, така што, секој ден е различно. Порано, кога ги изучував шимпанзата, станував во 5.30 пред да се раздени и се качував каде што тие спиеја, па ги следев цел ден. Сега станувам рано за да фатам авион, или да спремам предавање. Секогаш почнувам со работа во 6.30, проверувам мејлови, пишувам нешто, завршувам со пораки за благодарност и така натаму. За доручек јадам тост и пијам кафе.

За дома: Ако воопшто имам база, тоа е куќата во која пораснав во Борнмаут, Англија. Сестра ми сè уште живее таму и таму одам меѓу патувања. Но тоа се многу кратки посети.

За дисконектирање: Немам мобилен телефон. Не сакам луѓето да можат да ме добијат кога и без тоа сум презафатена со преживување на денот. Сакам да избирам, и повиците се надгледуваат – одат преку асистент. Но одговарам на мејлови секогаш кога имам 2-3 слободни минути, што понекогаш е во авион, понекогаш во 1 по полноќ, со мојот мал лаптоп.

За оддржливо патување: се обидувам да бидам сосема независна кога патувам, за да не морам да нарачувам собни услуги. Носам нешто за вриење вода ако нема електричен чајник во собата, чувам храна од претходниот ден за да си направам појадок. Ѓубрето го фрлам сама и не примам собарки за да не го фрлат тие.

За џет-лаг: Не признавам џет-лаг. Работам со сонцето.

За стресот: Природно култивирав начин да не бидам под стрес премногу често. Можам да се фокусирам на тоа што се случува во моментот. Ако човек е мирен, тогаш е полесно да се справи со каков и да е проблем. Не го сметам мојот живот за стресен, иако може да биде одвреме навреме. На пример, мораш некаде да стигнеш, а авионот касни, и тоа е стресно. И како да се справиш со тоа? Ќе го најдеш најдоброто решение што може да се најде. А можеби решението е дека тоа патување и тој состанок воопшто не мора да се случи.

За слободното време: Единствено време кога не работам е кога сум дома. Вечерите ги поминувам со сестра ми и семејството и шетам некое од кучињата. Немам време за хобија. Што е викенд? Не постои. Што е одмор? Не постои. Не можам ни да имам миленик – ако патувате 300 дена во годината како можете да имате милениче? Единствено нешто што ми фали е да имам куче.

За предавањето: Не сум многу среќна во моментов затоа што многу брзо го уништуваме светот. Ако не го смениме ставот, нема многу да ни остане од светот што го сакаме. Морам да работам со ова темпо, без разлика што имам 83 години. Добивката е што ми е дадена дарба за комуникација; кога предавам, луѓето слушаат и тоа менува ставови, според тоа што ми го кажуваат.

За медиумското внимание: Медиумите ми се многу важни затоа што медиумот шири пораки. Се обидуваме да ги натераме медиумите не само да пренесуваат за мрачните работи, туку и за прекрасните луѓе и нешта што се случуваат во светот, затоа што ако изгубат луѓето надеж и мислат дека не можат ништо, тогаш навистина не прават ништо. Ако се откажат луѓето, нема поента да се работи.

За користење Киндл: Го користам во авион. Понекогаш сум многу истоштена кога патувам, но знам да најдам некоја лигава романтична книга или да читам некоја од омилените драми на Шекспир на Киндл, а не можам да носам еден тон книги со мене. Обично пишувам мејлови, но некогаш се троши батеријата на лаптопот, или ќе ми се уморат очите. А на Киндл можеш да ги зголемиш буквите.

За совети за млади научници: Снемува пари, а конкуренцијата е голема, па мора навистина да го сакате тоа. Но, главно е, ако ова навистина ви е пасија, не се откажувајте. Дури и ако не можете веднаш да го правите она што го сакате, тогаш правете нешто што ви обезбедува пари и бидете на штрек за секоја шанса што ќе ви се укаже за следење на сонот.

1 ноември 2017 - 10:54