Кампањата што сите ја сфатија како одобрување на детска порнографија била смислена од сет-дизајнерот Никола Де Жардан и неговата фирма Норт Сикс Инк. Во тужбата стои дека „Баленсијага верува дека необјаснивите дела и пропусти биле со зла намера или, во најмала рака, исклучително невнимателни. Како резултат на поведението на тужените страни, јавноста и медиумите лажно и застрашувачки ги поврзаа Баленсијага со одвратната и длабоко вознемирувачка тема на судската одлука.“
Сузан Скафалди од Модниот институт Фордам смета дека вината стратешки се бара на погрешно место.
„Да беа Баленсијага заинтересирани за парична компензација за оваа катастрофа, веројатно ќе одвоеја време да преговараат за тивка спогодба. Наместо тоа, Баленсијага поднесоа итна тужба спремна за во медиуми, за да ја отфрлат кампањата на најсилен можен начин и на јавноста да ѝ го понудат негативецот во вид на продукциската компанија и сет-дизајнерот.“
Без разлика дали е ова пуштање по вода, јавноста сè уште се прашува како е можно овие документи да стигнале до кампањата. Еден продуцент што работи со луксузни брендови и сака да остане анонимен вели:
„Не верувам дека Баленсијага имале мастер-план да упропастуваат деца, но некој решил тоа да го испринта и да го стави на маса. На крајот, одговорноста е кај брендот да прегледа детално и да одобри, но никој не обрнува внимание. Индустријата е срање во моментов и многу малку се посветува внимание и разбирање за секој аспект. На крајот на краиштата, ова е порака дека вакви работи и понатаму ќе се случуваат ако брендовите не ги користат вистинските алатки за да ја рекламираат сликата за себе.“
Норт Сикс и Де Жардан си ќутат.