Агент 355 - првата жена-шпион во Америка

За Мата Хари сме слушнале, куртизаната и женски шпион која заведувала мажи да издаваат сериозни државни тајни за време на Втората светска војна. Стана популарна, ја играше Грета Гарбо на филм во 1931 и нејзината приказна има инспирирано еден куп романтични приказни. Но, за добар шпион е потребна анонимност, па тука на сцена стапува „Агент 355“, и името уште не ѝ се знае.

Се шпекулира дека Агент 355, која држела критични информации го разоткрила предавството на Бенедикт Арнолд, голем американски генерал кој се борел за колониите пред да премине на британската страна, што довело до егзекуција на неговиот соучесник, мајор Џон Андре.

И која е?

Агент 355 била толку беспрекорна во својата работа, што нејзината шифра директно се спомнува само еднаш во писмо меѓу Абрахам Вудхал и Џорџ Вашингтон, кои воделе мрежа шпиони активни за време на Американската револуционерна војна. Користеле тајни кодови, невидливо мастило, дури и објавувале шифрирани пораки во весници. Вудхал ја опишува како „онаа што отсекогаш е од корист во оваа кореспонденција.“

Но, на што била верна Агент 355, всушност? Во средината на 18-от век, тринаесетте американски колонии се умориле од контролата на Англија - поточно од плаќањето даноци на Британците, кога веќе им требале парите на домашно тло. На Вториот континентален конгрес, генералот Џорџ Вашингтон бил назначен да формира Континентална армија и да го надгледува освојувањето на Бостон.

Научниците сметаат дека британските војници од високите рангови слободно зборувале за поставување на трупи околу Агент 355 затоа што била жена и целосно потценета со своето присуство, што ја правело невидлива, но секогаш присутна во собата каде што се одлучуваат големи работи.

Вашингтон и мајорот Бенџамин Талмаџ го основале Кулпер рингот - круг на шпиони со задача да му носат информации за операциите на британската војска во Њујорк Сити. Членовите биле најактивни од октомври 1778 до британската евакуација на Њујорк во 1783.

Додека сме на темата дека анонимност значи добар шпион, вреди да се спомне дека Кулпер Ринг не ѝ бил познат на јавноста до 1930-те. Тоа значи дека шпионите можеле да си ја одржуваат анонимноста добри 150 години.

Некои од кругот Кулпер биле разоткриени, но идентитетот на Агент 355 никогаш - само кога го декодирале бројот 355, виделе дека значи „дама“. Извесна г-ца Ана Стронг е потенцијален кандидат за женски шпион што помогнал во победата на Револуцијата, и според усни преданија (значи непроверливи), Ана, која му била и сосетка на Абрахам Вудхал, праќала сигнали до курир на китоловски брод кој криумчарел околу Лонг Ајленд, со пружање црна потсукња на жица за алишта. Додавала и шамивчиња за сигнализирање на кое од шесте пристаништа курирот треба да го донесе бродот за Вудхал да го сретне. Но, има историчари што расправаат дека не е веројатно Ана Стронг да била член на кругот.

Уште една потенцијална кандидатка е Лидија Дара, која прислушувала на таен состанок во нејзината куќа, додека Британците ја имале окупирано Филаделфија во 1777. Го предупредила генералот Вашингтон за претстојниот напад и кога подоцна станало очигледно дека Вашингтон е информиран, мајорот Џон Андре го истражил „протекувањето“. Не ја ни прашал Лидија - сепак нејзиниот сопруг бил домаќин на состанокот - и не ја ни перцепирал како можен виновник, уверен дека сите жени ги делат политичките гледишта со своите сопрузи.

Можно е и да била некако поврзана со Роберт Таунсенд, еден од последните оперативци на Кулпер, кој бил толку посветен што никогаш не го кажал сопственото име на никого, па ни на Вашингтон. Има теорија дека Агент 355 била уапсена во 1780 кога Бенедикт Арнолд се префрлил кај Лојалистите и дека била во затвор во ХМС Џерси, каде родила син со име Роберт Таунсенд помладиот и подоцна умрела на затворскиот брод. Ни тоа не може да се докаже - идентитетот на Агент 355 е сѐ уште непотврден, а историјата е полна со теории.

Абрахам Вудхал во еден наврат му пишува порака на Бенџамин Талмаџ да му каже дека ќе го посети Њујорк и,

„со помош на една дама што ја познавам, ќе ги надмудрам сите.“

Во рок од два месеци, детални информации од највисок ранг му дотекле на Вашингтон во Њубор. Агент 355 секако ги надмудрила сите.

Сега иде и нов филм од Јуниверзал, „The 355“ со жени од различни меѓународни шпионски агенции со актерки како Џесика Честејн, Пенелопе Круз и Лупита Нјонго.

 

30 септември 2021 - 13:18